Нема нови случаи на заболени во Гевгелија од Корона вирус
Од Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија известуваат дека од вкупно 85
земени примероци за тестирање од Корона вирус, 65 се негативни, 17 необработени, а бројката на позитивни останува непроменета, т.е. вкупно заболени се 4 лица. Направен е и првиот контролен тест на четворицата заболени од Корона вирус. Во Државниот карантин хотел „Фламинго“ беа сместени 86 лица, од кои 70 го напуштија карантинот, а дел од останатите ќе заминат денес и утре.
Овие податоци покажуваат дека состојбата во Гевгелија е стабилна, меѓутоа д-р Сашко Олумчев, епидемиологот од Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, апелира дека се уште нема место за опуштање.
- Ваквата ситуација не треба да не залажува и да предизвика некакво опуштање. Опуштање никако не смее да има, особено за велигденските празници поради очекуваната миграција од град во град. Апелирам на дисциплина и натамошна строга примена на мерките за заштита од ширењето на Ковид-19, а дали ќе остане Гевгелија само на овој кластер на случаи досега, останува да се види во периодот по велигденските празници, истакна Сашко Олумчев.