Одроните отстранети, патот за Ума повторно прооден
Одроните на патот за Ума, од крстосницата на патот за Смрдлива вода, до самата населба
се исчистени, така што овој пат повторно е прооден за сообраќај. Во понеделникот беше пријавено дека на делови од патот за Ума има одронати карпи и земја кои го попречуваат движењето на возилата и воопшто комуникацијата со оваа потпланинска населба. Од страна на Општина Гевгелија, по увидот од страна на надлежните служби во Одделението за комунално уредување, беше организирана акција за расчистување на одроните со механизација и работна рака.
На повикот се јавија гевгелиските градежни фирми „Обнова“ и „Мансард“, кои без надомест ја ангажираа својата механизација и за многу кратко време ги отстранија одроните и го оспособија патот за Ума повторно за сообраќај.
Претходно, по минатонеделните обилни врнежи од дожд, одроните го блокираа и патот Негорци-Серменин. По интервенција на Општина Гевгелија и на градежната механизација, и овој пат повторно беше оспособен за сообраќај. Во Одделението за комунално уредување нагласуваат дека по двете интервенции, сите патишта на територијата на општина Гевгелија се проодни.