Двата контролни теста на четворицата заболени од Гевгелија се негативни
Eпидемиологот од Центарот за јавно здравје, ПЕ Гевгелија, д-р Сашко Олумчев,
информираше дека заклучно до 20 април, 2020 година, во Гевгелија се земени 90 бриса за тестирање од Корона вирус и сите 90 се негативни.
- На четворицата заболени од Корона вирус им се направени 2 контролни теста и тие се негативни. Доколку се покаже и третиот тест негативен кој ќе се направи денеска, кластерот на заболени од Корона вирус во Гевгелија ќе биде затворен, истакна д-р Олумчев.
Иако бројот на заболени во Гевгелија стагнира, тој апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките од надлежните институции:
- Ова е најкритичната фаза на пандемијата од Ковид 19 и од сите нас, граѓаните на Гевгелија и на територија на Македонија, од нашето целосно почитување на сите мерки и препораки од здравствените институции зависи дали ќе ја добиеме битката со овој подмолен и непредвидлив непријател.
Ако се опуштат граѓаните, ако има многу физички контакти и недисциплина, тогаш се можни грешки што можат да биде фатални. Со вирусот нема играчки, особено со Сарс Ков 2 кој е сосема нов и многу непредвидлив. Се надевам дека сепак, граѓаните ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата и ќе се однесуваат одговорно, а нам, здравствените работници не очекува еден период во кој ќе се прават голем број брзи серолошки тестови за да се види вистинската ситуација со носителите на вирусот во нашата земја.