„Ѓура Мара“ ќе се одржи по подобрувањето на ситуацијата со Корона вирусот
На третиот ден од Велигден, културно-уметничкото друштво
„Танец“ од Миравци традиционално ја одржува фолклорната манифестација „Ѓура Мара“.
Годинава, поради новонастанатата ситуација со Корона вирусот и донесените мерки на Владата на Република Северна Македонија за одложување на сите културни настани за спречување на ширењето на вирусот, организаторите го одложија настанот кој требаше да се одржи на 21 април, 2020 година. Според програмата, покрај настапот на КУД „Танец“ од Миравци, требаше да гостуваат и културно-уметнички друштва од соседните држави како: „Печинци“- Печинци од Република Србија, „Паја Зариќ“ од Инџија и „Пријатели“ од Јабланица, Република Босна и Херцеговина.
Организаторите најавуваат дека иако манифестацијата не се одржа во редовниот термин, датумот на одржувањето ќе се пролонгира, а ако се подобри ситуацијата со Корона вирусот, тоа може да се случи на 3 јуни, 2020 година, за празникот Св. Константин и Елена.
Фолклорната манифестација „Ѓура Мара“ е дел од Годишната програма за финансирање на програми и проекти од областа на културата од интерес на општина Гевгелија за 2020 година.