Oпштинскиот кризен штаб апелира до граѓаните за доследна примена на новите мерки за забрана за движење и задолжително носење маски
Општинскиот штаб за заштита и спасување, со кој раководеше градоначалникот
на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на седницата одржана на 23 април 2020 година, ја анализираше состојбата во општина Гевгелија во врска со примената на мерките за спречување на проширувањето и внесувањето Корона вирусот COVID 19 на Владата на Република Северна Македонија.
Општинскиот штаб апелира до граѓаните на oпштина Гевгелија да ги применуваат последните мерки на Владата на РСМ од 45 седница, за забраната за движење, како и задолжително носење на заштитни маски. Истовремено, Општинскиот штаб донесе посебни мерки за:
Снабдувањето со најнеопходните прехранбени артикли и лекови во деновите на целосна забрана за движење (од сабота, 25.04.2020, oд 15.00 часот до 27.04.2020 година, до 05.00 часот) во општина Гевгелија ќе биде организирано преку нарачка и достава од страна на економските оператори кои го прифатија повикот на Општинскиот штаб за спасување и заштита- Гевгелија, како и дежурните аптеки, согласно распоредот утврден од Министерството за здравство на РСМ.
Екипи на вработени на економските оператори ќе ги испорачуваат нарачките по телефон на пријавената адреса за испорака, во периодот од 16.00 до 20.00 часот во во саботата и од 8 до 19 часот, во неделата, за целосна забрана на движење.
Супермаркетите и трговските дуќани кои се пријавени да вршат нарачка и достава на артикли по телефон, не смеат за време на забраната за движење да бидат отворени и да излагаат производи пред објектите. Случаите на непридржување на овие мерки, можат да се пријават на телефон 076/431-318.
Сите стари и изнемоштени лица и натаму можат да нарачат набавка и достава на прехранбени артикли и лекови во работните денови преку Општинските мобилни тимови, јавувајќи се на дежурните телефони, 078/348-960 и 078/423-799, во периодот од 10.00 до 15.00 часот.
Во работните денови по 16 часот и во деновите на целосна забрана на движење можат да пријават нарачки на дежурните телефони на супермаркетите и аптеките.
Дезинфекција на улиците и јавни површини на територијата на Општина Гевгелија, ќе се одвива според Оперативниот план за дезинфекција на ЈПКД „Комуналец“ кој во соработка со Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија, ќе го спроведува ЈПКД „Комуналец“ и ТППЕ- Гевгелија.
Дозволите за движење за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на општина Гевгелија, на пријавените економски оператори за домашна достава на прехранбени артикли и земјоделците и сточарите, кои не се регистрирани, се регулираат преку пријави кои економските оператори и земјоделци/сточари ги доставуваат на дежурните општински служби во Општина Гевгелија, кои пак списокот на лицата го доставуваат до ОВР- Гевгелија.
Според Уредбите донесени на последната 45 седница на Владата на РСМ, сопствениците на трговски објекти се должни да обезбедат заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените лица во објектот, а вработените лица се должни заштитната опрема да ја носат постојано во текот на работното време.
Давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат редарска служба при влезот, во внатрешноста и при излезот на објектот за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на корисникот на поштенската услуга кој влегува во објектот.
Додека, пак, банките и штедилниците се должни да обезбедат редарска служба при влезот во и при излезот од објектот за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и да не дозволи влез во објектот на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот .
Согласно Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба на Владата на РСМ секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Под лична заштитна опрема се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично), а секој граѓанин, може да не ја носи личната заштитна опрема на лицето, само ако:
- носи посебна лична заштитна опрема на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,
- престојува во двор на станбена семејна куќа,
- вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,
- патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
- се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.
За одржување на седницата на Советот на Општина Гевгелија закажана за 30.04.2020 година, да се преземат сите неопходни мерки за заштита, согласно мерките на Владата на РСМ и препораките на СЗО, а според стандардите кои ќе ги утврдат надлежните општински институции – Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија и Општата болница во Гевгелија.