Укината државна матура, упис на првачиња во јуни, е-настава до крајот на учебната година
Владата на Република Северна Македонија на 48 седница
ја разгледа и усвои информацијата со пакет мерки од областа на образованието кои се однесуваат на спроведување на едукативен процес во услови на КОВИД-19 криза, на предлог на Министерството за образование и наука (МОН) и ги донесе следниве мерки:
Првата мерка се однесува на наставата во основните и средните училишта за која се утврдува дека ќе се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација, до 10 јуни 2020 година.
Со втората мерка се определува дека запишувањето на децата во прво одделение во основно училиште за учебната 2020/2021 година, ќе се реализира во месец јуни, а за запишаните ученици училиштето истакнува список на огласната табла на училиштето, најдоцна до 15 јули 2020 година.
Со третата мерка се укинува државната, училишната матура и завршниот испит за средношколците од 3 и 4 година.
Дополнително ќе се донесе уредба како ќе се врши уписот за студенти на високо-образовните установи.