Дополнителни количини на вода за пиење во населените места
ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија започна со акцијата за обезбедување
дополнителни количини на вода за пиење. Имено, Одделението за водовод при „Комуналец“ врши реконструкција на каптажите на „Лунгур“ и „Лешки“ кај населеното место Кованец, со цел жителите на населеното место Негорци да добијат дополнителни количини на вода за пиење од изворите на реката Кованец. Со започнатото реконструирање на каптажите, ќе се реши водоснабдителниот проблем со кој се соочуваат жителите за време на летната сезона.
- Со ваквите зафати ќе се настојува во населените места да се зголемат капацитетите за снабдување со вода. Како што е познато, Советот на Општина Гевгелија, по иницијатива на месните заедници Конско и Ново Конско, побара од ЈПКД „Комуналец“ да ја преземат надлежноста околу стопанисувањето со водоснабдителните системи во овие населени места, а од страна на Јавното претпријатие се очекува повратна информација до наредната седница на Советот. Тоа би значело поорганизирано и поквалитетно водоснабдување и надминување на проблемите со недостигот од вода за време на летниот период, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.