Честитки до полицијата, благодарност за ангажманот и дониран телевизор
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, заедно со
претседателот на Советот на општина Гевгелија, Тодор Ристов, денес го посетија ОВР- Гевгелија и на припадниците на полицијата им го честитаа Празникот на полицијата. Притоа, градоначалникот Поцков на началникот на ОВР –Гевгелија, Антонио Карапеев и командирот на ПС- Гевгелија, Миле Ангелков, им изрази благодарност за досегашниот ангажман во работата на Општинскиот штаб за заштита и спасување и спроведувањето на донесените мерки, како и воопшто изрази благодарност за ангажманот на полицијата во Општина Гевгелија за доследна примена на мерките од Владата на РСМ и надлежните државни институции за спречување на внесувањето и ширењето на Корона вирусот на територијата на општина Гевгелија.
- Како резултат на ваквата координирана активност и доследна примена на мерките на Општинскиот штаб за заштита и спасување, но и ангажманот на припадниците на полицијата, кои заедно со здравствените работници, беа во првите најистурени редови за постапување и дејствување во вонредни услови наметнати од пандемијата на Корона вирусот, нашата општина не се најде во ризичните подрачја на заразени со Корона вирусот во земјата. Секако, на тоа влијаеше и однесувањето на граѓаните и нивното почитување на донесените мерки, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков. Во знак на благодарност, тој на полицајците во дежурната служба им подари телевизор.
Инаку, Денот на полицијата во ОВР- Гевгелија беше одбележан со полагање на цвеќе на спомен бистата на Ѓорге Стамов, во дворот на установата, како и со акција на полицајците за примена на мерките за заштита од Корон авирусот. Имено, полицајците во центарот на Гевгелија им делеа заштитни маски на возачите на автомобили и граѓаните потсетувајќи ги на тој начин на Уредбата на Владата на РСМ за задолжителното носење на заштитни маски во затворени и отворени простори и одржување на потребната дистанца. И во оваа прилика, како впрочем и пред и за време на пандемијата и прогласената вонредна состојба, сакавме да покажеме дека полицијата е сервис на граѓаните, така ќе биде и во иднина, да им помогне на граѓаните во заштитата на здравјето, но и за попречување на сите незаконски појави и однесувања, изјави началникот на ОВР- Гевгелија, Антонио Карапеев.