Oпштина Гевгелија продолжува со инфраструктурните проекти
- Општина Гевгелија продолжуваме со изведбените работи на веќе започнатите
инфраструктурни проекти, чија реализација беше запрена поради пандемијата од Корона вирусот, информираше денес градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, на денешната средба со новинарите.
- Во обновата на локалната патна мрежа, ќе продолжиме таму каде што застанавме пред скоро два месеци. Како што е познато, во акцијата за бетонирање на улиците, беше бетонирана улицата на влезот во Кованец.Но, исто така, и улицата до училиштето и уште една улица во Мрзенци, улицата до црквата во Петрово, две помали улици во Богородица, како и улицата долж каналот Рауљ. Деновиве, бетонирањето продолжува на улиците во Богородица, додека пак во Гевгелија ќе почне изградбата на улицата која е крак на улица „Кукушка“. По обновениот тендер, кој поради технички недостатоции укажувања од граѓаните беше поништен, ќе почне и изградбата на улицата „Александар Бел“ во Мрзенски Рид, која е од приоритетно значење за граѓаните кои живеат тука или купиле плацеви, рече Поцков, нагласувајќи дека покрај бетонирањето продoлжуваат и активностите за асфалтирање. Пред се, на „Индустриска“, каде што се лоцирани стопанските капацитети, која истовремено ќе биде и проширена, потоа, пробивање на заобиколната улица крај поранешната фабрика „Зора“, како и асфалтирање на улиците во туристичкиот комплекс Милци, со што ќе се обезбеди функционалност на сообраќајната клучка кај надвозникот над автопатот. Предвидена е и реконструкција на улицата „Вардарска“ во Прдејци и една улица во Давидово.
- Во оваа прилика сакам посебно да ја издвојам ревитализацијата на регионалниот пат Богородица-Стојаково, и, тоа, втората фаза, која е на наша територија. Ревитализацијата на патот ќе започне од крстосницата на патот Гевгелија-Богданци, веднаш по Мостот на реката Вардар, односно на патот кој води кон Богородица преку бензинската пумпа на „Лук Оил“, хотел „Скај“, хотел „Принцес“, па се до селото, и потоа продолжува од излезот на Богородица кон Стојаково. Работите ги изведува фирмата „Жикол“, која го доби тендерот. Овој пат се реализира во две фази, втората фаза е на територијата од општина Гевгелија, од Богородица до Стојаково, а на јавната аукција цената падна на 4.968.475 денари без ДДВ. Тоа значи дека и нашето учество ќе биде намалено, истакна Градоначалникот на општина Гевгелија.
- Исто така, сакам посебно да ја најавам реконструкцијата на улицата „Илија Миов“ во Гевгелија, која е една од најоштетените во градот, најпрво, со санација на вдлабнатините и потоа асфалтирање. Планирано е и уредување на тротоарите на оваа улица со павер елементи, како и на улицата „Рајко Жинзифов“. Во пролетната акција за обнова на локалната патна мрежа предвидено е уредување на тротоари во Гевгелија и во Миравци. Од проектите кои беа ставени во мирување, а чија реализација продолжува, би ги издвоил изградбата на Прочистителна станица во Моин, санацијата на Мостот на влезот во Моин, како и изградбата на канализацијата во станбената населба „Караорман“. Веднаш по изградбата на канализационата линија во оваа населба ќе биде тампонирана и улицата во „Караорман“.
- Кога се во прашање донациите, рече Поцков, сакам да информирам дека од Техничкиот секретаријат на ИПА-Програмата за прекугранична соработка во Солун се одобрени дополнителни 62.000 евра за изградба на влезниот дел од регулацијата на Сува Река, каде што 80% од планираните работи по основниот проект. Со дополнителните средства ќе биде заокружена првата фаза од регулацијата на Сува Река. Според најавите од странските донатори, од јуни очекуваме обновување на постапката за реализација на грантот од германската Ка-Еф-Ве бакна, односно, пристигање на странскиот консултант и интензивирање на работите, рече Градоначалникот и најави продолжување на работите околу санацијата и ревитализацијата на Старата депонија, за што веќе е потпишан договорот за набавка на фотоволтаични панели за електрично напојување, со што се создаваат предуслови за профункционирање на новата Времена депонија. До крајот на годината, очекуваме да започнат и подготвителните работи за реализација на проектот за изградба на улицата „Методија Антонов Ченто“ во Мрзенци од доделениот грант во износ на 900.000 од Светска банка и изградбата на Прочистителна станица во Смоквица за која од Министерството за транспорт и врски ни се доделени околу 570.000 евра.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во своето обраќање пред јавноста за продолжување на инвестиционите активности во општина Гевгелија најави продолжување на работите околу доуредувањето на детските игралишта во градот и во населените места кои ќе бидат подготвени за користење по укинувањето на мерките поради пандемија со Коронавирусот. Поради опасноста од уривање, побарав од надлежните служби веднаш да биде санирана Шкарпата во центарот на Миравци. Исто така, во тек е и чистењето на почетниот дел од одводниот канал „Рауљ“, како и некои помали акции за поголема комунална хигиена и хортикултурно уредување на јавните површини.