Изработени основни проекти за три нови сообраќајници во Гевгелија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
денес во Министерството за финансии на Република Северна Македонија потпиша договор за преземање на комплетната техничката документација за изградба на три значајни нови сообраќајници во Гевгелија. Станува збор за улицата паралелно со коритото на Сува Река, од поранешната Касарна, па се до Мостот на Сува Река. Потоа, улицата во УБ 4 кај Детската градинка „Сончогледи“ и улицата во индустрискиот дел крај „Моински пат“ која води паралелно крај стопанските капацитети во појасот на Ракита.
Техничката документација на трите улици е изработена преку МСИП Проектна единица за подготовка на техничка документација за локални патишта и улици. Имено, во мај минатата година, Општина Гевгелија аплицираше на Јавниот повик за изработка на основни проекти за локални патишта и улици со три апликации и сите три беа прифатени. Врз основа на апликациите, изработена е комплетна документација за реализација на овие проекти која денес му беше предадена на Градоначалникот на општина Гевгелија.
- Со изработка на комплетната техничка документација создадени се основните предуслови за реализација на овие проекти, односно, за аплицирање на средства од домашни и странски програми и фондови, како и од сопствени средства. Во Програмата за локални патишта и улици во општина Гевгелија во 2020 година сите три улици предвидени се во две фази, изработка на техничка документација која веќе е завршена и реализација. При изработката и донесувањето на оваа, како и на другите програми, наша приоритетна задача беше да изработиме што повеќе техничка документација бидејќи на тој начин сме подготвени да аплицираме за различни програми. Затоа, сакам да изразам благодарност до Министерството за финансии, посебно до МСИП Проектната единица која ја прифати нашата апликација и ни изработи целосна документација за реализација на три улици во Гевгелија, кои пооделно имаат посебно значење. Имено, стопанствениците кои поседуваат објекти во стопанската зона јужно од Моински пат подолго време бараат изградба на главната сообраќајница. Исто така, од посебна важност за Гевгелија и нејзиното сообраќајно поврзување е изградбата на улицата паралелно со коритото на Сува Река која ќе ги поврзува делот од поранешна Касарна, па се до станбениот блок и мостот на Сува Река. Додека, пак, пробивањето на улицата кај Детската градинка „Сончогледи“ ќе придонесе за растоварување на сообраќајот на улицата „Петар Мусев“, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, при преземањето на техничката документација.