Санација на ентериерот на опожарената зграда
Започна санацијата и варосувањето на заедничките простории
од двата влеза на опожарената зградата која се наоѓа на улицата „Ристо Чавдаров“- Гевгелија. По санацијата на кровната, започна уредувањето на ентериерот, белење на ѕидовите во ходниците, средување на оградата и скалите.
Веднаш по пожарот, Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука за донирање на 400.000 денари за санација на покривот и оштетените станови во опожарената зграда на улица „Ристо Чавдаров“ во Гевгелија. Од Општинскиот буџет беа издвоени 400.000 денари за реконструкција на покривот и опожарените станови од пожарот што ја зафати оваа колективна зграда на 30 јули, годинава. Средствата во висина од 400.000 денари беа префрлени на сметката на Здружението на оштетените граѓани од пожарот со посебна намена. Општина Гевгелија обезбеди првична парична помош, во висина од едномесечна просечна плата, за оштетените семејства, организираше сместување на станарите кои останаа без покрив над главата, како и акција за расчистување на оштетениот станбен простор и зграда. Следеше акција на ЈПКД „Комуналец“ кој реализираше изведување на нова водоводна и одводна инсталација во домовите на оштетените станови.
Исто така, на овогодинешниот „Коледарски хепенинг“, организаторите поставија кутии за собирање донаторски прилози за опожарената зграда во Гевгелија кои беа наменети за санацијата на кровната реконструкција.