Намалени комуналните такси за даночните обврзници
Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука
за намалување на комуналните такси за називот на фирмата, како дел од Општинскиот пакет мерки за ублажување на последиците од Корона вирусот. Според донесената Одлука за утврдување на висината на комуналните такси во општина Гевгелија, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории за физички лица кои вршат дејност е намалена од 2.000 денари на 1.300 денари, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории на физичките лица кои вршат дејност, а данокот го плаќаат во паушален износ, е намалена од 500 на 350 денари, комунална такса за називот на фирма на деловните простории на трговските друштва и други правни лица од областа на производството, прометот и услугите, од досегашните 6.000 денари е намалена на 4.000 денари.
Исто така, Советот на Општина Гевгелијка одлучи таксата за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност да се намали од 7 на 5 денари од метар квадратен на ден. Намалените комунални такси ќе важат до крајот на годината бидејќи станува за еднократна даночна обврска.
Одлуката беше донесена по иницијатива на градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој информираше дека мерките произлегле по целосната анализа на состојбата и можностите за ублажување на последиците од Корона вирусот. Притоа, тој нагласи дека значаен дел од гевгелиските стопански субјекти аплицираа за економските мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија. Најголемиот број од апликациите се одобрени, така што дел од мерките се реализирани или допрва ќе се реализираат. Притоа, Општина Гевгелија се стави на располагање на сите апликанти за да им помогне во реализацијата на аплицираните мерки.
- Покрај ова, како што веќе најавив на претходната седница, како Општина, преку намалување на Општинските комунални давачки кон даночните обврзници, се разбира, согласно можностите на Општинскиот буџет, но имајќи ги предвид и законските одредби, односно коригираниот тарифник на комунални такси, беше усогласен со Законот за комунални дејности. И понатаму ќе ја следиме состојбата и на сите можни начини ќе настојуваме да им излеземе во пресрет на гевгелиските стопанственици, рече Поцков, информирајќи дека поради зависноста на гевгелиското стопанство од прекуграничната соработка и промет, веќе покренал иницијатива пред надлежните државни органи, при најавеното олеснување на рестриктивните мерки воведени за време на вонредната состојба за да се води сметка за специфичноста на овој регион.