Работен состанок на Градоначалникот со директорите на образовните институции
Градоначалникот на општина Гевгелија,
Сашо Поцков, денеска оствари работен состанок со директорите на образовните институции во Гевгелија и населените места. На состанокот беше присутен и д-р Сашко Олумчев, епидемиолог и раководител на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија.
Се дискутираше за начинот на спроведување училишни активности во наредниот период како: уписот на првачињата во основните училишта, уписот на ученици во прва година, средно образование, одржување на наставничките совети и активностите околу завршетокот на учебната година 2019/2020.
Се констатираше дека при уписите на учениците во основните училишта, од страна на вработените во училиштата и од родителите и децата, се почитува протоколот со предвидените мерки за заштита од Корона вирусот изготвен од Владата на РСМ. Исто така, училиштата доследно ги почитуваат мерките на Владата на РСМ и дадените насоки за реализирање е-настава од страна на Министерството за образование. Како што информираа директорите, наставниците редовно ги одржуваат онлајн-часовите, ги оценуваат домашните на учениците и навремено го пополнуваат Е-дневникот според наставните планови и програми.