Во финале проектот „Еко-торба“ на ученичката компанија од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија
„SBF“, ученичката компанија составена од
5 ученика од IV година при СОУ „Јосиф Јосифовски" од Гевгелија, влезе во десетте финалисти кои ќе го продолжат натпреварувањето за титулата Најдобра ученичка компанија за 2020 година, организирано од Junior Achievement Macedoniа.
Слободанка Савиќ, Никола Биков, Пепица Јованова, Душко Јанев и Ангелина Несторова. Тие, под менторство на проф. Јасмина Мицева, ја создадоа СБФ- соларната торба на иднината, со која учествуваат на Националниот натпревар на најдобри ученички компании, во конкуренција на 39 основни и средни училишта од цела Македонија. Во најголем дел предлог прооектите се поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија.
Нивниот проект, кој предизвика интерес и кај жири-комисијата , е еко-торбата „SBF“ со систем од Пелтие-модули поврзан со батеријата, кој овозможува едната страна од торбата да лади, а другата да загрева. Така, истовремено со неа може да се понесе ладен пијалок во едната преграда и топла ужина во другата преграда.
Оваа година поради пандемијата со COVID-19 натпреварот се одржува во малку поинаква форма, т.е. онлајн. Жири-комисијата ги оценуваше ученичките компании во две фази. Во првата се оценуваа компаниските извештаи и промоцијата на Фејсбук-страните на ученичките компании.
По прегледувањето на сите страници, жири-комисијата, ги одбра десетте компании, меѓу кои е и гевгелиската СБФ компанија, со што ќе продолжат во втората фаза, во која следува онлајн интервју со жири-комисијата и оценување на Power Point презентацијата на секоја компанија.
Финалето ќе биде на 16 и 17 јуни, а резултатите ќе бидат познати на 18, овој месец. Жирито е составено од претставници на ЈА Македонија, бизнисмени и претприемачи.