Во општина Гевгелија состојбата стабилна, но заштитните мерки мора да се почитуваат
Иако во општина Гевгелија и натаму
здравствената состојба е поволна, а веќе два месеци немаме ниту еден заразен од Ковид-19, рапидниот пораст на заболени во земјата налага натамошна мобилност и доследно почитување на мерките за заштита од Корона вирусот, истакна раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, д-р Сашко Олумчев, по вчерашниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, кој нагласи дека заедно со локалната самоуправа во општината континуирано се следат и преземаат донесените мерки.
- Апелирам до граѓаните доследно да се придржуваат на мерките за лична заштита, пред се: миење на рацете, носење на заштитна маска и ракавици доколку престојуваат во затворени простории, одржување на пропишаната социјална дистанца. Доколку правилно се почитуваат овие мерки од страна на секој граѓанин и можноста од заразување од Корона вирусот ќе биде помала. Покрај ова, мора да се дејствува и едукативно меѓу најмладите бидејќи станува збор за сериозна болест и пандемија, рече д-р Сашо Олумчев и притоа информираше во врска со моменталниот скрининг на полицајците во Граничната полиција.
- Од Меѓународната гранична полиција бевме информирани дека по враќањето на унгарскиот контингент полицајци од јужната граница, на 26 мај 2020 година, во Унгарија им било извршено тестирање, по што било утврдено дека еден од унгарските полицајци кој бил дел од гранишната полиција на македонско-грчката граница, е позитивен. Иако, сите гранични полицајци се придржувале и ги применувале мерките за лична и колективна заштита, во договор со Државната комисија за заразни болести започнавме со скрининг на сите 60 полицајци од Меѓународниот контингент кои се ставени во изолација се до добивањето на резултатите од тестирањето. Меѓутоа, од Унгарската полиција не ни беше доставен идентитетот на позитивниот полицаец кој престојувал на нашата граница поради што одлучивме да направиме скрининг и на сите други полицајци кои одат во гранична патрола. Очекувам до крајот на неделата скринингот на полицајците да биде завршен и набрзо да ги имаме сите резултати од тестирањето, рече Олумчев.
- Општинскиот штаб за заштита и спасување на вчерашната седница беше запознаен со најновата здравствена состојба во општината, а расправаше и за повеќе прашања што произлегуваат од донесените мерки и протоколи за заштита од Корона вирусот. Општинскиот штаб апелира до граѓаните доследно да ги почитуваат и применуваат мерките на Владата на РСМ и на Министерството за здравство, изјави градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
- Сите угостителските објекти кои се отворени, доследно да се придржуваат на Протокол за работа на угостителските објекти поради што контролата ќе биде засилена. Општинскиот штаб апелираше до сите родители, кои децата ги носат во детските игралишта, како и млади луѓе што овде рекреираат, дека се уште се во важност заштитните мерки за движење во групи од 3-5 лица, за носење на заштитни маски и држење на предвидената социјална дистанца. Во врска пак со појавата на дивеење на млади луѓе со мотори и автомобили во ноќните часови, посебно во станбената населба „Караорман“ и на булевар „Гевгелија“, од страна на Општинскиот штаб е побарана позасилена контрола од страна на ОВР-Гевгелија, како и поголема едукација на младите од страна на надлежните институции, рече Поцков.
Општинскиот штаб расправаше и за превозот на вработените во конфекциските погони и другите производни капацитети во општината, почитувањето на Протоколите за одвивање на работниот процес и примената на заштитните мерки, посебно од страна на градежните фирми, каде што се вработени градежни работници од други општини во земјата. Од страна на Општинската инспекција ќе биде извршена контрола на почитувањето на заштитните мерки во јавниот сообраќај, а на работодавачите ќе им биде укажано на мерките за заштита во посебниот сообраќај, односно превозот на вработените од дома до работните места. Исто така, од Инспекцијата за труд, како и другите надлежни служби, ќе биде побаран, инспекциски надзор на градилиштата во општината, законскиот престој и почитување на заштитните мерки од страна на ангажираните градежни работници од другите општини кои припаѓаат на жариштата на Корона вирусот, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, изразувајќи благодарност до сите членови на Општинскиот штаб за заштита и спасување за соработката, посебно до раководителот на Центарот за јавно здравје-Гевгелија, д-р Сашо Олумчев за пожртвуваноста и ангажманот околу справувањето со пандемијата од Корона вирусот во нашата општина.