Конска брана готова до крајот на годината
Министерот за земјоделство, шумарство
и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес беа на локацијата каде што во моментов интензивно се гради браната Конско. Изградбата на браната започна пред две години и досега согласно договорот со изведувачот, околу 60 проценти од изградбата е завршена. Се очекува до крајот на оваа година да заврши целосната изграбата на браната. Овој капитален проект е финансиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за рурален развој и од буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра.
Браната Конско е од исклучително значење за наводнувањето на земјоделките површини од овој регион, но оваа брана истовремено има мултифункционална намена.
„Со изградбата на браната, ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранското Езеро. Браната „Конско“ ќе обезбеди вода за наводнување на нови 8.000 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и ја зголемуваше цената на земјоделските производи. Со оваа брана ќе се создадат неопхопдните услови за дополнителен развој на земјоделството, зголемување на производството на храна со намалени и конкурентни цени “, изјави министерот Димковски.
Дополнително, вештачкото езеро на Браната Конско која се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув, на само 20 тина километри одалеченост од градот, претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија. Глобално, ова ќе значи зголемување на економскиот раст, животниот стандард на населението, унапредување на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој крај и развој на општина Гевгелија на повеќе нивоа.
„За општина Гевгелија, Конска брана има исклучително значење. Но, во оваа прилика ќе потенцирам само два аспекти. Повозрасните гевгеличани добро знаат дека далечната 1978 година во Општина Гевгелија врз база на самопридонес се направија првите сериозни напори да се отпочне реализацијата на овој проект. Меѓутоа, со одлука на тогашната Влада, средствата беа пренаменети за браната Стрежево. Од тие причини денес може да констатираме дека со реализацијата на овој проект се исправа и една историска неправда кон гевгеличани, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, нагласувајќи дека општината располага со над 12.000 ха земјоделско земиште од кои, токму заради недостигот на вода за наводнување досега се обработуваат само 1.500 ха.
Хидросистемот Конска брана ќе обезбеди дополнителни количини на квалиетна вода за пиење на регионот, како и дополнителни количини на вода, кои надвор од сезоната на наводнување, би се пренасочиле кон Дојранското Езеро. Изградбата на Конска брана, исто така, позитивното влијание на локалниот економски развој и унапредувањето на туризмот имајќи ги во предвид можностите на локалитетот Смрдлива вода, ски центарот Кожув, населбите Серменин и Ума и воопшто промоцијата и унапредувањето на руралниот туризам.Ова е најголема инвестиција во последните 50 години во општина Гевгелија“, изјави градоначалникот, Поцков.
Водостопанството како стопанска гранка е една од клучните области, низ чиј развој се реализираат сите стратешки планови за напредок. Браните со акумулации обезбедуваат повеќенаменско искористување на водите, придонесуваат за енергетска стабилност и безбедност на храната на национално и регионално ниво и токму затоа претставуваат едни од најзначајни приоритетни инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство наменети за развој на земјоделството.