Поцков: Големата волја и заемната соработка- успех во надминувањето препреки
Градоначалникот на општина Гевгелија,
Сашо Поцков, по повод завршувањето на учебната 2019/2020 година, им се обрати на учениците, полуматурантите и наставниците и им се заблагодари за нивната истрајност, упорност и заедничка грижа за време на пандемијата од Корона вирусот порачувајќи им:
- Почитувани ученици, полуматуранти и наставници,
Со доаѓањето на 10 јуни, официјално заврши учебната 2019/2020. Во претходниот период, особено во текот на тримесечјето од второто полугодие, почнувајќи од појавувањето на Корона вирусот во нашата земја, бевте изложени на нови предизвици кои ги вклучуваат онлајн-наставата и работењето од дома.
Вие успешно покажавте дека со голема волја и заемна соработка можете да се справите пред какви било препреки и да ја реализирате наставата и во услови на пандемија.
На полуматурантите од сите основни училишта им посакувам многу успех во понатамошното школување. Оваа животна лекција која го опфати скоро целиот свет, нека Ви биде една поука дека со истрајност, упорност и водење заедничка грижа за сите нас сите потешки предизвици можат да се надминат со леснотија.
Изразувам почит и благодарност до сите просветни работници за нивниот максимален влог во едукацијата и воспитувањето на идните креатори на нашето општество!
Да се надеваме дека оваа криза ќе ја надминеме што побргу, а учениците и наставниците со почетокот на новата учебна година ќе се вратат во училишните простории!