Прогласени првенците на генерација од основните училишта во Гевгелија
По завршетокот на
учебната 2019/2020 година, традиционално основните училишта во Гевгелија ги прогласија учениците од деветто одделение што ја понесоа титулата првенец на генерацијата.
Според Правилникот за избор на првенец на генерација и исполнетите критериуми во текот на основното образование, за првенци на генерацијата во Гевгелија и населените места се избрани: Ива Цицмиловиќ од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Вања Стојменова од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Сандра Шапкарова од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци и Благица Минчева од ООУ „Климент Охридски“- Миравци.
По прогласувањето на првенците, тие открија во што е тајната на успехот за постигнување резултати и одличен успех во текот на основното образование. Средното образование ќе го продолжат во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
- „Нема некоја посебна формула за тоа како се станува првенец на генерација, но, секако, треба ученикот да има одговорност кон учењето и амбиции да постигне што подобри резултати. Поради ситуацијата со Корона вирусот, најверојатно ќе се запишам во СОУ „Јосиф Јосифовски“, истакна Благица Минчева.
- Ви благодарам на честитките! Да се биде првенец на генерација, не само што не е тешко, туку за мене беше и многу забавно и лесно. Најбитна е желбата и учењето, другото си доаѓа самото по себе. Моето школување имам намера да го продолжам во Гевгелија во СОУ „Јосиф Јосифовски“, истакна Сандра Шапкарова.
- Ако се учи со труд и со желба, не претставува никаков проблем да се биде првенец на генерацијата. Според мене, „формулата“ за тоа е да веруваш во себе и во своите способности и да веруваш дека ќе успееш на крајот. Јас ќе се запишам во СОУ „Јосиф Јосифовски“ каде се надевам дека ќе добијам квалитетно и современо образование, секако, со високииот степен на професионализам кој го поседуваат професорите во ова училиште, истакна Ива Цицмиловиќ.
- Најпрвин ви благодарам за искрените честитки, не можам да кажам дека е лесно но можам да се пофалам дека континуираноста ми е јака страна, која здружена со желбата за успех и упорноста придонесе да ја добијам оваа престижна награда. Сепак, мислам дека времето е клуч за правилниот избор на една идна професија и во план ми е да продолжам со општо образование во СОУ „Јосиф Јосифовски“, истакна Вања Стојменова.