Нови инвестиции за подобрување на условите во детските градинки
Динамично се работи
во подобрувањето на условите во детските градинки во Гевгелија и населените места. ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија започна со повеќе активности за санација, реконструкција и доопремување на шесте објекти .
Неодамна, започна реконструкцијата на старите ѕидови во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија. Во тек е замената на стариот и дотраен ламперај оштетен од самата влага, со поставување гипс-картон. Во тек е и бојадисувањето на ѕидовите во сите детски градинки. Исто така, се уредуваат дворните површини и се обновуваат играчките во детските катчиња.
Директорката Бети Стоименова истакна дека во завршна фаза е и тендерската постапка за замена на мебелот во сите занимални во „Цветови“, а ќе се набават и нови гардеробери во „Детска радост“ и „Цветови“.
- Овие интензивни зафати започнаа со цел да го зголемиме нивото на конфорот додека децата престојуваат во детските градинки. Со вложувањето во објектите на ЈОУДГ „Детска радост“ ќе придонесеме за уште подобри материјални услови за реализирање и зголемување на квалитетот на педагошките стандарди кои ги нудат детските градинки, истакна директорката на ЈОУДГ „Детска радост“.
Ќе се реновираат и сите магацински простории, а ќе се работи и на појачувањето на електричната инсталација во Централната градинка.
Минатата година, во Централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци беше извршена целосна замена на столаријата, за што детската градинка издвои 7,3 милиони денари сопствени средства. Исто така, во централната градинка, како и во градинките Сончогледи и Цветови комплетно беа реновирани тоалетите, а во сите детски градинки извршено е опремување и климатизирање на сите простории.