Одржана 46 седница на Советот на Општина Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија на денешната
46 седница донесе Одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка со општините Богданци и Струмица за вршење на инспекциски надзор и внатрешна ревизија. По барање на Општина Богданци, општинскиот градежен инспектор во Општина Гевгелија еднаш месечно ќе постапува во Општина Богданци. Додека пак по иницијатива на Општина Гевгелија, внатрешниот ревизор на Општина Струмица ќе ја опслужува и Општина Гевгелија. Меѓуопштинската соработка со Општина Струмица ќе трае се до примената на новата организација на работните места во Општина Гевгелија.
Советот на Општината донесе и Одлука за субвенционирање на потрошувачката на основните комунални услуги за корисници на гарантирана парична помош и на социјална пензија. Субвенцијата во сметките за комунални услуги за овие категории на услуги е зголемена од сегашните 500 на 650 денари по домаќинство.
Во првите пет месеци од годината водоснабдувањето на сите граѓани во Општина Гевгелија е редовно, а водата за пиење во сите водоснабдителни системи со кои стопанисува ЈКПКД „Комуналец“ е здрава и исправна, констатира ЈПКД „Комуналец“ во информацијата за водоснабдувањето во Општина Гевгелија. Притоа, се нагласува дека Јавното комунално претпријатие стопанисува и со вода за пиење ги снабдува Гевгелија и девет населени места во општината, како и две населени места во Општина Богданци. Додека помалите населени места: Петрово, Габрово, Кованец, Ново Конско, Конско, Ума и Серменин се надвор од системот за водоснабдување на Jавното комунално претпријатие и со вода за пиење се снабдуваат од сопствени водоснабдителни системи.
Советот на Oпштината беше информиран и за состојбата со кучињата бездомници, за чие згрижување е обврзано ЈПКД „Комуналец“, кое врз основа на јавен повик за заловување и стручен третман на кучињата бездомници, го ангажира економскиот оператор – ветеринарната станица „Анри Вет“ од Стојаково. За неполна година од страна на Комуналното претпријатие биле поднесени 28 барања за заловување на 50 кучиња бездомници. Од страна на економскиот оператор биле заловени 39 кучиња, од кои 8 се еутанизирани, 5 вдомени, а 26 вратени на локацијата каде се заловени.
На седницата се расправаше и за актуелните состојби со употребата на наркотици и психотропни супстанци кај младите во Општина Гевгелија, при што директорот на Општата болница во Гевгелија и координатор на Центарот за превенција и третман на зависност од опојни дроги, д-р Митко Крџев, информираше дека во моментот во Центарот се наоѓаа 54 лица од 35-45 години, кои примаат метадонска терапија, како и психолошка и социјална поддршка на лица зависници од хероин.
Во Одделението за урбанизам, архитектура, градежништво и заштита на животна средина, во периодот од 1.03.2011 година до 31.05.2020 година од вкупно поднесени 6.012 барања се решени 5.354 барања .Голем број од предметите се позитивно решени, но има барања кои се негативно решени од причини за кои бесправните изградени објекти се изградени спротивно од дадената законска регулатива, односно, спротивно од Правилници за стандарди за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко планската документација. Според доставената информација до советниците за решавање до законскиот рок – 1 март 2021 година, остануваат уште 658 барања.
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница расправаше и за авто-такси превозот, како и за јавното улично осветлување. Притоа, Советот констатираше дека јавното улично осветлување во Општина Гевгелија се спроведува редовно и континуирано. И тоа, на територијата на целата општина, односно како во градот, така и во сите населени места во општината, како и во планиските туристички места Конско, Хума, Серменин и Смрдлива вода. Со ваквиот начин на работење, ефикасноста во уличното осветлување е значително зголемена. Истовремено, мрежата на јавното улично осветлување во целата општина е во добра состојба.