Втората фаза од ревитализацијата на патниот правец Богододица-Стојаково при крај
Завршува ревитализацијата
на регионалниот пат Богородица-Стојаково, од крстосницата на патот Гевгелија-Богданци, веднаш после мостот на реката Вардар. Односно на стариот и дотраен патот кој води кон Богородица преку бензинската пумпа „Лук Оил“, хотел „Скај“, хотел „Принцес“, па се до селото и потоа продолжува од излезот на Богородица кон Стојаково. Станува збор за реализација на втората фаза од целосната обнова на овој регионален патен правец кој ги поврзува општините Гевгелија и Богданци.
И првата и втората фаза од проектот се имплементираат преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година од Бирото за регионален развој, а во рамките на приоритетните проекти на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. По завршување на тендерската постапка и електронската аукција, најниска цена имаше понудувачот „Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица“ со кој беше склучен договор за извршување во износ од 4.968.475 денари без ДДВ. Надзорот го врши проектантската фирма „Гоја“ од Гевгелија. Паралелно се одвива ревитализацијата на целиот пат и тоа во првата и во втората фаза од регионалниот пат, која се наоѓа на територијата на општина Гевгелија.
Ширина на коловозот на делницата за реконструкција на постојниот пат изнесува 5м и ширина на банкини минимално 0,50м. Според техничкото решение се предвидува гребење нa стариот асфалт на локалниот пат - „Регионален пат R1109 - Стојаково“ и проширување на делови до ширина од 5м и целосно асфалтирање со нов слој на асфалт од 5см. Со ревитализацијата на целиот пат ќе се обезбедат услови за поквалитетно сообраќајно движење на овој сообраќајно-фреквентен патен правец.