Задолжителна примена на Протоколите за работа на угостителските објекти
Градоначалникот на
Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес, по барање на Општинскиот штаб за заштита и спасување, одржа состанок со угостителските работници, односно сопствениците и закупници на кафетерии во центарот на градот. Целта на состанокот е, како што нагласи Поцков, уште еднаш да укажеме на важноста од доследна примена и почитување на Протоколите за работа на угостителските објекти во услови на пандемијата од Корона вирусот. Заради ублажување на последиците од пандемијата, Општина Гевгелија изврши намалување на комуналната такса за фирмарина и за користење на јавна површина. Дополнително, на угостителите каде што е можно им беше дозволено дополнително поставување на маси заради запазување на мерките со Протоколите, рече градоначалникот на Општина Гевгелија.
На последниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување од страна на ОВР- Гевгелија и Пазарната инспекција беше информирано дека дел од угостителите не го почитуваат Протоколот за работа на угостителските објекти, не го почитуваат работното време, а имало и појави во одделни кафетерии да престојуваат гости и до 6 часот наутро поради што морала да интервенира полицијата. Општинската инспекција на 25 јули, 2020 годинава, после 23.30, изврши контрола на работењето на угостителските објекти кои гравитираат кон центарот на градот (шеталиштето). Притоа, било утврдено дека некои кафетерии се прегласни, односно не ги почитуваат дозволените гранични вредности. При контролата, пак, од страна на Општинската комисија за определување места-простор за вршење на трговска и угостителска дејност било констатирано непочитување на определениот простор кај одделни кафетерии.
- Ваквото однесување е неодговорно, особено ако се има предвид дека поради пандемијата здравјето на граѓаните е загрозено, а наш врвен приоритет е да го заштитиме. Истовремено, и да обезбедиме заживување на економијата. Затоа и се заложивме како општина, овој пограничен регион,кое не претставува Корона-жариште, да добие карактер на посебна гранична зона во која ќе има непречен протек на патници преку границата. Но за да успее оваа иницијатива сите треба да помогнеме, вклучувајќи ги и угостителите, Гевгелија да остане чиста од Ковид-19, а тоа значи доследна примена на Протоколите за работа донесени од Министерството за здравство, истакна Сашо Поцков.
Присутните угостители ја подржаа ваквата определба и се согласија дека е неопходно почитување на заштитните мерки и протоколи. Од страна на градоначалникот на општина Гевгелија, како и присутните претставници на ОВР-Гевгелија, беше најавена засилена контрола и рестриктивни мерки против сите прекршители на Протоколите за работа на угостителските објекти.