ЈПКД „Комуналец“ ќе стопанисува со водоводот во Ново Конско
Советот на Oпштина Гевгелија
на 47 седница беше информиран од ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за состојбата со водоводните системи во населените места Ново Конско и Конско. Водоснабдителниот систем во Ново Конско се состои од бунар со пумпна станица, потисен цевковод, примарна и секундарна мрежа и резервоар со капацитет на вода од 50 мтри кубни. Меѓутоа, водата нема постојано хлорирање, а како неопходни активности се редовните анализи на водата за пиење, реконструкција на пумпата, оградување на резервоарот, како и замена на дотраените водомери. Населението во Ново Конско има воспоставено мерење на потрошената вода по домаќинства и нивите до кои има водоводна мрежа.
Од страна на ЈПКД „Комуналец“ дадени се повеќе предлози за подобрување на водоснабдувањето во ова населено место. По расправата и прифаќањето на предложените активности, Советот на Општина Гевгелија донесе одлука за преземање на водоводот од Mесната заедница на Ново Конско и негово отстапување на ЈПКД „Комуналец“. На тој начин ќе се обезбедат услови сите 109 водокорисника во ова населени место да пијат здрава и квалитетна вода.
Што се однесува до водоснабдителниот систем во населбата Конско кој се состои од две каптажи со по 1,5 кубни метри вода, резервоар, гравитационен цевковод, примарна и секундарна мрежа, состојбата е незавидна. Од вкупно 80 потрошувачи, половината имаат платено приклучок, но, не и другата половина. Многу мал број од водокорисниците имаат водомери кои се неисправни, а на доводната линија од каптажите до резервоарите има приклучено 5 корисници.
Месната заедница во Конско и покрај донесениот правилник за користење на водата, не е во можност да се справи со ваквата состојба и дивите приклучоци, кои особено во летниот период предизвикуваат недостиг од вода. Советот на Општината заклучи ЈПКД „Комуналец“ да направи пресметковна анализа за можноста за санација на водоснабдителниот систем во Конско, по што повторно ќе наврати на ова прашање на наредната седница.