Усвоен Кварталниот извештај за остварување на Општинскиот буџет
Советот на Општина Гевгелија,
на својата денешна седница, го усвои Кварталниот извештај за остварувањето на Буџетот на Општина Гевгелија во првото полугодие од 2020 година. Според Извештајот, од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија за 2020 година во висина од 546.886.213 денари, реализирани се вкупно приходи од 219.659.708 денари или 40,17%. Додека, пак, од планираните 233.557.581 денар приходи во Основниот буџет во првите шест месеци од годината се остварени 96.823.558 денари или 41,46%. Ваквите остварувања покажуваат растечки тренд во споредба со Kварталниот извештај за остварување на Буџетот на Општина Гевгелија во првото полугодие за 2019 година. Притоа, треба да се напомене дека финансиското работење на Општината се одвиваше за време на пандемијата од Корона вирусот.
Советничкиот состав одлучи на Вториот повик на УНДП Општина Гевгелија да аплицира со изработка на техничка документација за проектот „Секундарна мрежа за гасификација во Гевгелија“. Додека на истиот повик, преку Југоисточниот развоен плански регион, Општина Гевгелија ќе аплицира со проект за изработка на техничка документација за инфраструктурен и основен проект од Мостот на Сува Река до македонско-грчката граница. Советот донесе одлука за измена на трасата на линиски инфраструктурен објект за дополнително сообраќајно поврзување на Гевгелија со граничниот премин „Богородица“, со што се обезбедуваат услови со минимална измена на трасите да се обезбеди дополнително сообраќајно поврзување на градот со преминот „Богородица“.
Советот на Општината беше информиран за состојбата со новото Градско пазариште во Гевгелија, но заради целосен увид во неговата реализација беше предложено Градоначалникот на општината да побара ревизија од Државниот завод за ревизија. Во врска пак со проблемот околу отворањето на новата детска градинка во некогашниот недоизграден објект за училиште во Прдејци покрај набавената опрема, како резултат на спорот меѓу Министерството за образование и Министерството за труд и социјална работа, поради пренамена на објектот, беше побарано да биде известен Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Советот на Општина Гевгелија на 47 седница ги усвои Плановите за вработување на образовните и другите јавни локални институции во општина Гевгелија во 2020 година. Исто така, беше информиран и за состојбата со сообраќајот во општината во првото полугодие од годината.