Прогласени победниците на 14 по ред „Смоквијада 2020“
Четиридневната традиционална манифестација
„Смоквијада 2020“ заврши вчера со свеченото прогласување на победниците кои го приготвија највкусното слатко од зрели смокви. Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков им ги врачи наградите на петте тима кои ги освоија првото, второто и третото место, воедно честитајќи им на сите 13 екипи.
Според оценувањето на исполнетите критериуми од страна на стручната комисија, првото место го делеа: Нада Милкова и Елена Кочева и Марика Самарџиева и Виолета Кочева, второто место: Ѓургица и Мите Прочкови и Марика и Илија Ангови, а третото место им припадна на Сашко и Светлана Михајловски.
Поради Корона- пандемијата и почитувањето на мерките за заштита, оваа година, организаторот на „Смоквијада 2020“, ЗГ „Тера“ донесе одлука пријавените кандидати да го варат слаткото од смокви во своите дворови, а прогласувањето на победниците се одржа пред платото на Народниот театар, во соработка со Домот на културата „Македонија“- Гевгелија. Оваа година, 14 по ред „Смоквијада 2020“ беше одбележана во духот на спортот и здравата исхрана.