Со полагање цвеќе пред Спомен-костурницата во Гевгелија, одбележан 11 Октомври
Денеска, на пригодната манифестација по повод 11 Октомври,
Денот на народната борба против фашизмот, организирана од страна на Сојуз на борците од Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков со делегација од Општината и делегации од Советот на Општина Гевгелија и политичките партии оддадоа почит со полагање цвеќе пред Спомен-костурницата на паднатите борци од Гевгелија и Гевгелиско.
Имено, упати честитка до сите граѓани по повод денешниот празник:
- Честит 11 Октомври, Ден на Народноослободителната борба против фашизмот. Искажувам почит кон сите паднати борци, меѓу кои и 74 херои од Гевгелија и Гевгелиско, давајќи го својот живот за живот на нашиот народ во слободна држава.
Нека е вечен споменот на хероите и нека е за многу години Денот на Народното востание!
- За историјата на нашата земја овој Ден има огромно значење затоа што претставува продолжение на вековниот стремеж и целта за која се бореа сите што ги положија своите животи. Ние и денес, а и натаму, ќе им се поклонуваме на овој ден, и на нив, како и на сите жртви на фашистичкиот окупатор. Во аманет на младите им оставаме порака никогаш да не го заборават нивното дело, истакна Јане Ташковски од Сојузот на борците од Гевгелија.