Во тек е информативната кампања на ОГ во борбата против КОВИД-19, патролните екипи на терен за контрола на примената на заштитните мерки
Oпштина Гевгелија започна информативна кампања за примената на
заштитните мерки против КОВИД-19. Поради неповолната епидемиолошка состојба во Гевгелија Општината изготви флаер, во кој се содржани бројките на заболени од КОВИД-19 во Гевгелија и сликовито се прикажани основните мерки за заштита и намалување на ризикот од КОВИД-19.
- Oпштинскиот кризен штаб за заштита и спасување, на последната седница, донесе одлука да се изработи флаер од едукативен и информативен карактер за почитување на заштитните мерки пропишани од Комисијата за заразни болести и слика на моменталната епидемиолошка состојба во општината и поголема контрола од страна на општинските и државните служби за примена на мерките Отпечатени се 10.000 флаери, од кои 9000 флаери, во соработка со ЈПКД „Комуналец“, ќе им бидат дистрибуирани заедно со сметките за наплата на комунални услуги на гевгелиските домаќинства. Оптимист сум дека нашите сограѓани ќе ја намалат недисциплинираноста и ќе им проработи свесноста, особено, по 6 смртни случаи кои се појавија во два дена. Кризниот штаб има надлежност не само да апелира, туку и да санкционира со казни доколку патролните групи преку контролата на констатираат дека има непочитување на мерките, истакна Сашо Поцков.
- Веќе една недела откако патролните групи се на терен и вршат контрола на примената на заштитните мерки, во која учествуваат претставници од ОВР- Гевгелија, Државен пазарен испекторат, Државен инспекторат за труд и социјала, Општинската инспекција и членови на Советот на Општина Гевгелија. При контролата, членовите на патролната група имаат должност да ги поделат останатите 1000 флаери од информативната кампања на Општина Гевгелија. Теренските активности се одвиваат двапати во денот. Денеска, имавме состанок со претставниците на државните и општинските служби, на кој ја костатиравме примената на мерките од тоа што е на увид при теренската контрола. Во поголема мера се почитуваат мерките, но има и отстапувања, посебно, од страна на младата популација, малолетни деца кои се збираат по училишните дворови. За таа цел, на состанокот решивме во патролните групи да учествуваат и членови на Советите на родители, истакна Перо Стојанов, координатор на Општинскиот штаб за заштита и спасување и член на Советот на Општина Гевгелија.