Дневниот КОВИД-19 центар во Гевгелија проширен со Општински грант
За само десеттина дена по отпочнување на изведбените работи,
профункционира Дневниот КОВИД-19 центар во Гевгелија. Како што е познато, Општата болница- Гевгелија поднесе барање до Општина Гевгелија за доделување на средства за доградба на постојниот пункт за тестирање од Корона вирусот, на влезот од Општата болница и уредување на Дневен прифатен центар. Советот на Општина Гевгелија на седницата одржана на 30 октомври, годинава, донесе одлука за доделување на 377.364 денари од Општинскиот буџет за доградба на Дневниот КОВИД- 19 центар.
Веќе денес, проширениот Дневен прифатен КОВИД-19 центар во Гевгелија, до доделениот Општински грант, ги прими првите пациенти, заболени од КОВИД-19, на кои им беше обезбедена потребната дневна терапија. По тој повод, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов и пратеникот Марија Костадинова го посетија Дневниот центар и заедно со директорот на Општата болница, д-р Митко Крчев и раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, д-р епидемиолог Сашо Олумчев, дадоа изјави за јавноста.
- Денес, сме во посета на Општа болница- Гевгелија и извршивме увид во профункционирањето на КОВИД-19 центарот, за кој се одвоија средства од Општинскиот буџет со донесена одлука од страна на Советот на Општина Гевгелија за надградување на бараката. Горд сум што заедно со членовите на Советот овозможивме на Општата болница да изгради ваков центар, во кој веќе се примаат и третираат КОВИД-пациентите од Гевгелија. Со профункционирањето на Центарот е постигната целта и на Општината, и на Болницата и на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија , ставена во фунција на јавното здравје, истакна градоначалникот Поцков.
- Голема благодарност до вработените во Општа болница со проширена дејност и до тимот на д-р Сашкo Oлумчев кои неуморно работат веќе 9 месеци и се грижат за заштита на здравјето на граѓаните на Гевгелија. Како Совет, донесовме одлука за доделување грант за доградба на Центарот и овозможивме истиот во иднина да служи за понатамошна здравствена услуга на граѓаните, истакна претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов.
- Би сакал да се заблагодарам на Општината и Градоначалникот, како и на Советот на Општина Гевгелија што денес ни овозможија да го отвориме овој Центар и да ги прошириме капацитетите од 8 до 10 легла за дневен третман на пациенти со недефинирана слика, за кои се чекаат резултати, но имаат симптоми на КОВИД. Имаме и болнички третман со капацитет во Невропсихијатриското одделение за 12 лица, но како што рапидно расте бројот на нови случаи, веќе сме во фаза да го преадаптираме и Интерното одделение во КОВИД-центар како дополнителен капацитет. Денеска, добивме известување дека се најдени изведувачи за изградба на Модуларната КОВИД-19 болница, па за месец-дена очекуваме да стане реалност, со што ќе ни биде олеснета работата во справувањето со пандемијата од КОВИД-19, истакна директорот на Општата болница, д-р Митко Крџев.
- Доградениот КОВИД- Дневен центар ќе биде 24/7 во служба на граѓаните за нивно згрижување. Со порофункционирањето на овој Центар, се редуцираа гужвите што се формираа пред Болницата. Очекувам за време на сезонските грипови да се зголеми бројот на пациенти, но сметам дека капацитетите се доволни. Во Гевгелија, во моментот има околу 200 активни случаи, но претпоставувам дека таа бројка е многу поголема бидејќи има многу асимптоматски случаи и пациенти со благи симптоми кои се сомневаат дали се позитивни или не, но апелирам да се консултираат со здравствените служби, истакна раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, епидемиолог д-р Сашо Олумчев.
Инаку, работите околу доградбата на Дневниот КОВИД-19 центар во Гевгелија се завршени во рекорден рок, од страна на ЈПКД „Комуналец“ беше изградена бетонската основа, а Општата болница од сопствената опрема и средства го уреди Центарот.