Сашо Поцков: - Доследно почитување на мерките за побргу надминување на КОВИД-пандемијата и побргу враќање на нормалниот живот
Епидемиолошката ситуација во Гевгелија варира.
На почетокот од пандемијата, епидемиолошката слика беше во нормала се до август месец кога граѓаните малку се опуштија со своето однесување и имаше непочитување од страна на угостителските објекти и помладата популација. По смртните случаи, некако граѓаните ја сфатија сериозноста на вирусот и се промени ситуацијата во позитивна насока со доследно почитување на заштитните мерки. Инаку, патролните групи кои се формираа со одлука на една од седниците на Општинскиот штаб за заштита и спасување редовно ја спроведуваат контролата за примената на заштитните мерки. Но, бројот на новозаболени секојдневно расте. Да бидеме оптимисти дека сите заеднички оваа ситуација ќе ја пребродиме за да одиме напред. Што се однесува на работата на Општата болница- Гевгелија и Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија со справувањето со КОВИД-пандемијата, секоја чест за менаџментот и макотрпното работење на здравствениот персонал. Изразувам благодарност и до Советот на Општина Гевгелија што имаа сенс да ја усвојат одлуката од Општинскиот буџет да се издвојат средства за доградба на Дневниот КОВИД-центар, стациониран во старото Кожно одделение, истакна во последното интервју за ТВ „НОВА 12“ градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Притоа, им порача на граѓаните да се придржуваат на доследно почитување на мерките:
- Да се грижиме сите и за сопственото здравје и за здравјето на своите најблиски. Апелирам за доследно почитување на мерките за заштита, носење маска, дезинфекција на рацете и држење на потребната дистанца за да ја надминеме оваа ситуација и да се вратиме што побргу на нормалниот живот.