Кампања на Општина Гевгелија против семејно насилство
Во тек е кампања на Oпштина Гевгелија за превенција и заштита од
семејно насилство за време на пандемијата од КОВИД-19, надоврзувајќи се на 16-дневната кампања за против насилство врз жените, во соработка со ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија, ОВР- Гевгелија и Невладините организации. Кампањата на Општина Гевгелија за превенција и заштита од семејно насилство носи наслов „Стоп за семејното насилство. Не молчи, пријави!“
За таа цел, Општина Гевгелија изработи информативен материјал за контактите на надлежните служби кои се овластени за постапување против семејното насилство. Информативниот материјал ќе биде споделен и на социјалните мрежи на Невладините огранизации, официјалната Фејсбук-страна на Општина Гевгелија и на локалната ТВ „НОВА 12“.
Исто така, во текот на кампањата, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, ќе реализира работен состанок со претставници на надлежните институции од Гевгелија, на кој ќе се разгледуваат мерките и чекорите што треба да се преземаат за да се обезбеди соодветна заштита на лицата што се изложени на или под ризик од семејно насилство.
Семејното насилство е кривично дело. Секој има право да го живее сопствениот живот безбедно и во согласност со своите потреби. Општина Гевгелија ги охрабрува жртвите на семејно насилство, но и сите граѓани кои се сведоци или имаат сознанија за насилство, да го пријават истото во ОВР- Гевгелија и Центарот за социјална работа- Гевгелија.