ООУ „Климент Охридски“- Миравци со онлајн-програма за Патрониот празник
На ден пред големиот христијански празник „Св. Климент Охридски“,
ООУ „Климент Охридски“- Миравци го одбележува својот Патронен празник. Поради КОВИД-пандемијата, Патронот на училиштето ќе биде одбележан со онлајн-активности, во кои учество земаат ученици од сите одделенија.
Како што истакна директорот на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Васка, Ефтимова, учениците ќе се претстават со рецитирање песни, ќе читаат народни умотворби, а програмата ќе биде збогатена со изложба на ликовни творби и изведба на музички нумери. Онлајн-програмата ќе биде прикажана на социјалните мрежи, во попладневните часови, на официјалниот Фејсбук-профил на училиштето. Исто така, Ефтимова упати голема благодарност до наставниот кадар за нивното професионално работење и до учениците за покажаната голема одговорност.
По повод Патрониот празник на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, упати честитка кон: колективот на училиштето, учениците и родителите:
- Почитуван колектив на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, почитувани ученици и родители,
Нека Ви е честит Патрониот празник на Училиштето! Ви посакувам понатамошна успешна и плодна работа. Драго ми е што и за време на пандемија, продолжувате да реализирате слободни ученички активности, преку кои, Вие, наставниците, успевате да ја извлечете сета креативност од учениците, а нивниот труд да го прикажете на еден од најважниот и најсвечениот ден за училиштето.
Уште еднаш, нека е честит и вековит Патрониот празник, со надеж дека, догодина, свечената манифестацијата ќе се одржи во просториите на Училиштето, како што и доликува.