Работна средба на Поцков со општествените чинители за надминување на семејното насилство
На тема „Семејното насилство“, денеска, градоначалникот
на општина Гевгелија, Сашо Поцков, оствари работен состанок со претставници на надлежните институции: ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија и ОВР- Гевгелија, како и претставници на три Невладини организации од општина Гевгелија.
Состанокот беше поделен на два дела, информативен дел за општата ситуација со семејното насилство во општината, а вториот дел се состоеше од сумирање на идеите во насока на проширување на соработката помеѓу локалната самоуправа, надлежните општински институции и невладиниот сектор за превенирање и решавање на долгогодишниот горлив проблем во општеството- семејното насилство.
Што се однесува до бројките на жртвите на семејно насилство, за разлика од минатата година е намален, но за време на КОВИД-пандемијата е значително зголемен поради економската криза. Според податоците од ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија, на локално ниво, моментално има активни 22 предмета, од кои 12 се од минатата година. Според евидентираните податоци, во ОВР- Гевгелија, во текот на 2020 година, биле поднесени 5 кривични пријави за семејно насилство, од кои 3 за телесна повреда, а 2 за загрозување на сигурноста. Пристигнале и 15 известувања, од кои 3 за телесна повреда, а 12 за загрозување на сигурноста.
Директорот на ЈУ МЦСР- Гевгелија, Васка Илиева, истакна дека стручниот тим при јавната установа ги презема сите соодветни законски мерки во соработка со Основен суд и МВР, но се соочуваат со одредени недостатоци во поглед на решавање на конкретните проблеми. Илиева истакна дека недостасуваат финансиски средства, со кои ќе располага Центарот за постапувањето и пружењето помош на жртвите на семејното насилство и соодветен простор за ургентно згрижување- сигурни куќи. Како најчести жртви на семејно насилство во поново време ги посочи старите лица и тоа од страна на нивните деца поради финансиското или имотното прашање. Покрај ова, од ОВР информираа дека најчеста причина за семејното насилство е и алкохолот. МВР постапува по секоја примена пријава или поплака, без разлика дали постојат елементи на кривичното дело при првичното пријавување.
По долгата дискусија и размената на идеи, присутните донесоа заклучок дека потребно е да се изготви локален Акционен план, во кој ќе бидат предвидени конкретните дејства за надминување на социјалните проблеми, во соработка со надлежните служби, институциите и невладиниот сектор.