Распишан тендерот за ревитализација на Стара депонија кај Сува Река
Министерството за животна средина го распиша
Mеѓународниот тендер за ревитализација на Старата депонија кај Сува Река. Проектот ќе се реализира со грчки грант за што веќе е потпишан договор меѓу ова министерство и Грчката амбасада во Скопје. Станува збор за неискористените 420.000 евра од средствата со кои Грчката влада учествуваше во изградбата на Прочистителната станица. Со постигнатиот трилатерален договор меѓу Швајцарската, Грчката и Владата на РСМ за реализација на овој проект беше договорена и ревитализација на Старата депонија.
Со проектот за ревитализација на депонијата се предвидува изградба на уште еден заштитен зид крај Сува Река, дислокација на отпадот во новата Времена депонија и третман на целата локација. Предвидено е локацијата на досегашната депонија да биде уредена во зелена површина. Истовремено, на дел од локацијата при досегашните договори околу реализацијата на проектот беше предвидена можност за уредување на простор за рециклирање на отпдаот.
Со ревитализација на Старата депонија се создаваат услови за профункционирање на Времената депонија за комунален отпад кај Ново Конско, која, како што е познато, беше изградена по бегалската криза преку УНДП со јапонски грант и покрај јасните законски одредби во земјава за регионално третирање на комунален отпад. Но, со времена дозвола од Министерството за животна средина, по изградбата на регионалната депонија во Добрашинци, депонијата кај Ново Конско ќе се користи како претоварна станица. До Времената депонија е изграден пат, со донираните средства од ИОМ, а општина Гевгелија од сопствени средства постави фотоволтаични панели за обезбедување на електрична енергија.