In memoriam: Почина академик Георги Старделов
Вчера, во 9-тата деценија од својот живот,
почина Георги Старделов, еден од најзначајните македонски интелектуалци, филозофот-естетичар, книжевен критичар и теоретичар, есеист и универзитетски професор, академик Георги Старделов. Беше пример за длабок мислител, минуциозен аналитичар и во исто време инспиративен изведувач на синтези и творечки поврзувања, извонреден стилист и сугестивен едукатор, впечатлив оратор и секогаш интересен собеседник.
Старделов е роден на 28 август, во Гевгелија, дипломирал на Филозофскиот факултет, на Катедрата за филозофија на Универзитетот во Белград (1953). Докторирал во филозофија на Универзитетот во Скопје (1965). Бил и прв декан на Интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Филозофското друштво на Македонија и на Југославија, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на македонскиот ПЕН центар.
Старделов беше почесен член на Друштвото на уметници во Шпанската кралска академија и редовен член на Европската академија на науките и уметностите, како и професор гостин на неколку југословенски, европски и американски универзитети. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1986, а за нејзин редовен член во 1991 година.
Во периодот 2000-2004 бил потпретседател, а 2008-2011 нејзин претседател. Раководител е на Лексикографскиот центар во МАНУ од неговото основање во 2000. Основач и претседател на еден од најпознатите, сеопфатни и значајни хуманистички и интердисциплинарни макро проекти на МАНУ „Историја и култура на Република Македонија” (од 1993 година).
Добитник е на неколку домашни и странски награди и признанија. Автор е на повеќе од 30 значајни книги од областа на естетиката, историјата на естетиката и есеи.
Академикот Георги Старделов беше чест гостин на Гевгелија, а свое обраќање имаше и на промоцијата на монографијата „Гевгелија 130 години град“. Во предговорот за монографијата Старделов ќе запише:
„Сите ние, Твоите гевгелиски сограѓани, што Те имаме како едно од најголемите и најтрајните скапоцености во нашите животи, сите ние, да повторам, со голем пиетет кон Тебе, го одбележуваме Твојот стоитриесетгодишен роденден (1886-2016).
Наш граду, наш роден граду! Во сите овие Твои тринаесет децении, растејќи и вознесувајќи се себеси, Ти нè растеше и нè вознесуваше и нас самите. Ние израснавме од Тебе и се врастевме во Тебе. Така, проникнувајќи се меѓусебно, станавме, за вечни времиња, Едно и Неделиво. Ти си, Гевгелио, и ние сме Твоите граѓани, со Тебе налик на Твоите извишени кипариси што го красиле речиси секој гевгелиски двор и дом. Тие, иако во овие 130 години од Твоето раѓање, биле изложени на познатите гевгелиски ветришта, никогаш не ја сломиле својата и нашата снага, туку постојано ја издигнувале угоре спрема високоно небо, сфаќајќи го стихот на Блаже Конески како основен животен принцип на нашето опстојување, дека најважното и најсудбоносното во животот е да никнеш.
Убаво е речено: човекот не си ги избира ни родителите, ниту, пак, градот, она родно место во кое се родил и ги направил првите чекори на својот животен пат. Но, затоа, пак, во времето доаѓа време кога ние можеме, како денес, да го речеме спротивното, дека Ти нè роди и нè избра нас заедно да ја делиме со Тебе нашата заедничка животна судбина. Затоа, имено, денес Те прославуваме и вознесуваме како свое чедо.“