Бројот на новозаболени од КОВИД-19 бележи евидентен пад, наспроти растот на оздравените
Трендот на новозаболени пациенти од КОВИД-19
во општина Гевгелија и регионот на општините Богданци и Дојран бележи евидентен пад. Додека, трендот на оздравени бележи евидентен пораст. Трендот на починати е праволиниски. Ова е последниот биланс на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија за епидемиолошката состојба во општината и регионот која од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Гевгелија беше оценета како поволна.
- Очигледно е дека трендовите на новозаболени и оздравени се разидуваат, вели епидемиологот д-р Сашо Олумчев, нагласувајќи дека процентот на смртност од КОВИД-19 во овој регион е најниска во споредба со земјата.Секако, се работи за win состојба која се должи на 24 часовниот ангажман на здравствените работници и целиот маедицински и помошен персонал. Секако, тука се и граѓаните, бидејќи очигледно е дека дисциплината, одговорноста и самосвеста ги дадоа очекуваните резултати. Продолжуваме понатаму во соработка со граѓаните! Само на тој начин ќе бидеме уште поуспешни во справувањето со КОВИД-19, апелира Олумчев.
Општинскиот штаб за заштита и спасување, исто така, им препорача на граѓаните, правните субјекти и верски заедници доследно да ги применуваат мерките со кои се забранува организирање и одржување на прослави на јавни места и површини по повод верските и традиционалните празници. Гевгелиското Архиериско намесништво веќе соопшти дека манифестацијата по повод Водици, со фрлање на крст во реката Вардар, согласно насоките од МПЦ, годинава, се одлага поради пандемијата, како и водосветот по домаќинствата. Празникот ќе биде одбележан со редовните црковни богослужби на Водици, согласно протоколите и заштитните мерки.