Зголемена комуникација на Општината со граѓаните
Во последните три месеци од минатата година,
преку Систем 48 и Општинскиот центар за услуги со граѓаните при Општина Гевгелија биле поднесени вкупно 247 барања од страна на граѓаните, од кои 206 веќе се решени, а другите се во постапка на решавање. Ова беше соопштено на денешната јавна презентација на Систем 48, на која присуствуваа градоначалникот на Општина Гевгелија и раководителите на општинските одделенија и сектори при ЈПКД „Комуналец“.
Преку Систем 48 во периодот од 1 октомври до 31 декември, 2020 година, биле пријавени 91 барање од страна на граѓаните, од кои 61 биле решени. Станува збор главно за барања за дефекти во мрежата на уличното осветлување, за инспекциски надзор или за комунално уредување. Во Општинскиот центар за услуги, во Општина Гевгелија, последното тримесечие од минатата година биле поднесени 156 барања од граѓани за постапување на надлежните општински служби, од кои 145 се решени. Од нив за точна адреса биле поднесени и решени најмногу барања – 69. Додека за новородено дете биле поднесени и решени 54 брања, односно за секое новороденче Општина Гевгелија исплатила по 6.000 денари, додека за третородено дете по 12.000 денари.
Инаку, преку Систем 48 доминираат барањата за отстранување на дефекти во уличното осветлување. Меѓутоа бројот на интервенции во јавното осветлување е значително поголем – во последните три месеци лани биле извршени 237 интервенции, од кои во Гевгелија 107, а во населените места 130. Во периодот од 1 октомври до 31 јануари, 2020 година, во Одделението за располагање со државно градежно земјиште биле водени 10 постапки за оттуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, за кои биле поднесени 9 пријави за учество на јавното наддавање, 7 се отуѓени, 2 се неотуѓени, а 1 е во постапка.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, се заложи за поголема афирмација и ефикасност на сите алатки за комуникација со граѓаните. Пред се, Системот 48 кој треба да им овозможи на граѓаните преку електронски пат да ги пријават своите проблеми и барања до локалната самоуправа. Притоа, беше нагласена потребата од поголема ефикасност на општинските служби, односно доставување на одговорот до граѓаните во рок од 48 часа.