Започна второто полугодие од учебната 2020/21 година
Денеска, започна второто полугодие од учебната
2020/21 година. По зимскиот распуст, учениците од 1 до трето одделение кои следат настава со физичко присуство, се вратија во училишните клупи, а учениците од погорните одделенија повторно седнаа пред уредите да слушаат настава на далечина. Директорите на гевгелиските училиштата информираа дека наставата со физичко присуство во второто полугодие од оваа учебна година започна без проблеми, почитувајќи ги мерките заштита од КОВИД-19 и пропишаните протоколи за реализирање настава. Пред почетокот на второто полугодие, се изврши дезинфекција на сите простории во училиштата.
Согласно одлуката на Владата на РСМ, по поднесените барања од гевгелиските училишта за одржување настава со физичко присуство, во сите основни училишта во општината настава со физичко присуство се одвива само за учениците од прво до трето одделение. Во ООУ „Климент Охридски“, како и во Подрачните училишта во: Смоквица, Давидово, Милетково, Моин, Кованец, Прдејци, Мрзенци и Богородица наставата со физичко присуство се одвива и за учениците од четврто и петто одделение. Во СОУ „Јосиф Јосифовски“ со физичко присуство наставата ја следат само учениците од стручното образование, кои посетуваат практична настава. Додека, сите други ученици, како и учениците од погорните одделенија во основните училишта наставата ја следат онлајн. Во Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ во Гевгелија индивидуалната наставата се одвива со физичко присуство, додека групната настава онлајн.