„НОЕЛ“ им подари амбулантско возило на граѓаните и Општата болница во Гевгелија
Гевгелиската компанија „НОЕЛ“ им подари денес
ново амбулантско возило на Општата болница со проширена дејност и граѓаните на општина Гевгелија.
- Вработените и менаџментот на компанијата оценија дека новонабавеното возило „Фолксваген“ за сопствени потреби, во моментот, во услови на пандемијата со КОВИД-19, е многу подобро да се користи како амбулантско возило за здравствениот систем и за граѓаните на општината. Амбулантското возило е целосно е преадаптирано и опремено за обезбедување на неопходните здравствени услуги. Посакуваме возилото да се користи поретко, но се надеваме дека со збогатувањето на возниот парк на Општата болница во Гевгелија уште повеќе ќе бидат подобрени здравствените услуги кон граѓаните. А тоа беше и основната цел на вработените во нашата компанија – да им помгогнеме на сите граѓани во градот и во општината, а тоа ќе го правиме и во иднина, рече при примопредавањето на амбулантското возило Николина Главчева, управител на компанијата „НОЕЛ“.
Директорот на Општата болница, д-р Митко Крџев, се заблагодари на донацијата, со која, како што нагласи, се зголемува, но не само бројчано, туку и квалитетно, возниот парк на здравствената установа. Тоа е посебно значајно воопшто за обавувањето на квалитетните здравствени услуги, а посебно сега кога се уште се соочуваме со пандемијата од КОВИД-19, иако во смален обем. Уште еднаш се заблагодарувам до менаџментот и вработените на „НОЕЛ“ и ја користам приликата да им го честитам 30- годишниот јубилеј во годината што измина, бидејќи станува збор за една од најуспешните компании во регионот која секогаш ни излегува во пресрет, рече Митко Крџев потсетувајќи дека и други гевгелиски компании со доделената донација ја потврдија својата општествена одговорнст.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој присуствуваше на примопредавањето, исто така, изрази благодарност до компанијата НОЕЛ, којашто уште еднаш ја потврди својата општествена одговорност.
- Посебно се радувам што во услови кога пандемијата со КОВИД-19 предизвика една од најголемите економски кризи во општината, се уште има компании во кондиција, чии менаџмент и вработени помагаат за општото добро на граѓаните, поточно, за нивното здравје. Сакам уште еднаш да изразам благодарност што оваа компанија, како и другите кои веќе донираа средства, го прифатија апелот на Општина Гевгелија да и помогнеме на Општата болница со проширена дејност во Гевгелија. На тој начин, всушност, си помагаме самите себе, поради што и донацијата на „НОЕЛ“ е значајна и реализирана во услови кога здравствениот систем во општината, благодарејќи на ваквите донации, секако и на пожртвуваноста на вработените, наспроти пандемијата, е значително подобрен, нагласи градоначалникот Сашо Поцков.