Продадени 7 градежни парцели
Општина Гевгелија, минатата година, преку електронско јавно
наддавање продаде 9 градежни парцели. Отуѓувањето на градежно земјиште е извршено согласно Деталните урбанистички планови за Блок 5.3 и 5.6 во населбата кај Касарна и Блок 7 во населбата „Караорман“. Парцелите се наменети за изградба на објекти А1- Домување во станбени куќи, а согласно Уредбата за висината на цената на државното градежно земјиште се со почетна цена на наддавање од 61 денар за метар квадратен. Исто така, на продажба беше понудена и 1 парцела во Блок 14 во Гевгелија наменета за изградба на објект за лесна индустрија со почетна цена на наддавање од 61 денар за метар квадратен.
Од вкупно понудени на продажба 9 градежни парцели по пат на електронско јавно наддавање, отуѓени се 7 градежни парцели на физички или правни лица, од кои 6 градежни парцели наменети за домување во станбени куќи и 1 за лесна индустрија. Притоа, најголем интерес на јавното наддавање имаше за градежните парцели во станбената населба „Караорман“ во Гевгелија, каде што за секоја парцела се пријави по 25 понудувачи. Токму и затоа, парцелите на електронското јавно наддавање достигнаа цена од 1.000 до 3.000 денари за метар квадратен. Само една градежна парцела во населбата „Караорман“ беше продадена за 3.000 денари за метар квадратен. Во станбената населба кај поранешна Касарна за една парцела на електронското јавно наддавање беше постигната цена од 1.100 денари за метар квадратен.
Во текот на 2020 година, преку електронскиот систем на градежно земјиште поднесени се и 17 барања од физички и правни лица за отуѓување на државно градежно земјиште со непосредна спогодба. Поголем дел од барањата се однесувале за оформување на градежна парцела согласно Детален урбанистички план и за отуѓување градежно земјиште врз основа на донесено решение за утврдување на правен статус на бесправен објект. Согласно законските прописи, решени се 14 барања за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба.