Исчистени локалните патишта од снегот што ја зафати Гевгелија
По значително ниските температури и снежниот бран
што ја зафатија Гевгелија, екипите на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија извршија чистење на снежната прекривка и расфрлија сол и песок по улиците во Гевгелија и во населените места. Сите сообраќајници и локални патишта во општината се проодни, а се врши редовен увид на теренот.
Од ЈПКД „Комуналец“ истакнаа дека располагаат со соодветна механизација и доволни количини на сол и песок во случај кога треба да интервенираат за време на снег и подледување на патиштата. Но, сепак, упатија апел до сообраќајните учесници да возат внимателно по патиштата и да поседуваат соодветна зимска опрема.
Имено, поради најавените ниски температури во наредните денови, упатуваат и апел до граѓаните да си ги заштитат своите водомери од замрзнување со дебела ткаенина или изолационен материјал и да се затворат вентилите на чешмите во дворовите. Во случај да замрзне водоводната инсталација, корисниците треба да внимаваат кога ги одмрзнуваат цевките користејќи грејни тела и доколку го прават одмрзнувањето, тоа да го сторат внимателно и на одредена оддалеченост од инсталацијата, а во никој случај да не користат директен пламен врз цевките или водомерот. Затоа што таквата постапка може да предзвика оштетување, особено ако цевката е пластична. Доколку граѓаните имаат потреба за интервенција од техничката служба на „Комуналец“, можат да ја контактираат на 034/212-808.