Континуирана грижа за ранливите категории на граѓани
Општина Гевгелија, во текот на минатата година,
согласно донесената Програма за социјална заштита, презеде повеќе мерки и активности за надминување на социјалните проблеми на ранливите категории на граѓани. Приоритет беше даден на заштитата на здравјето на граѓаните поради пандемијата од КОВИД-19, но и за решавање на социјалните проблеми со кои се соочуваат одделни граѓани .Од почетокот на КОВИД-пандемијата до крајот на годината, беа реализирани 6 акции за делење бесплатни пакети со прехранбени производи и дезинфекциони средства кои Општинските екипи им ги доставуваа на 100-тина семејства, обезбедени со средства од Буџетот на Општина Гевгелија или како донација од гевгелиските фирми.
Поради КОВИД-пандемијата и неработењето на детските градинки согласно мерките на Владата на РСМ за заштита од Корона вирусот, Советот на Општината донесе одлука 800 родители, чии деца беа запишани и згрижени во детските градинки, да бидат ослободени од плаќање месечна партиципација за престој почнувајќи од март до август, 2020 година, како една од Општинскиот сет мерки за ублажување на последиците од КОВИД-пандемијата.
Општината минатата година субвенционираше 23 лица корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија, кои редовно ја плаќаат сметката за струја и потрошувачката на вода, која не надминува повеќе од 20 метри кубни месечно. Во текот на јуни, Советот на Општина Гевгелија ја зголеми субвенцијата за сметките за комунални услуги за овие категории од 500 на 650 денари по домаќинство. На 91 граѓанин со загрозена, здравствена состојба поради болест, на лица кои претрпеле штети поради елементарни непогоди, како и на лица неспособни за работа и лица со посебни потреби им е исплатена еднократна парична помош.
Во текот на минатата година, исто така, на 163 новороденчиња им беше доделена парична помош. И тоа во износ од 6000 илјади денари за прво и второ родено дете и 12.000 денари за трето и секое наредно новородено дете. Од Општинскиот буџет беа издвоени 485.565.444 денари за обезбедување превоз на лица со посебни потреби. Вкупната бројка на корисници на оваа мерка беа 11 деца, штитетници на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. Во јавните општински установи, односно во ООУ„Ристо Шуклев“- Негорци беше изградена пристапна рампа за лицата со посебни потреби, за која Училиштето издвои средства од сопствениот буџет. Исто така, во истото училиште и Основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци се изградија соодветни тоалети за децата со посебни потреби.
Во 2020 година, Општина Гевгелија спроведе два проекта во рамки на програмата „Општинско-корисна работа“, со која овозможи социјално вклучување на невработени лица преку нивно ангажирање на определено, скратено, работно време. Проектот „Отворена врата за социјална инклузија и градење подобра заедничка иднина“ се реализираше заедно со општините Дојран и Богданци. Беа ангажирани три невработени лица, два физиотерапевта и еден асистент на физиотерапевт во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. Додека, во проектот „Можности за сите“ беа вклучени пет лица, три во Дневниот центар за лица со посебни потреби, од кои еден социјален работник и двајца негуватели, едно лице како личен асистент на дете со попреченост и едно лице како образовен асистент на дете со попреченост.
Во однос на унапредување на социјалната заштита и подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните, по повод христијанскиот празник Велигден, Општина Гевгелија им додели по една табла јајца на 100-тина семејства од социјално-ранливите категории (корисници на гарантирана минимална помош, корисници на Народна кујна и корисници кои го искористиле правото на еднократна парична помош, по список од Центарот за социјални грижи- Гевгелија). Пред новогодишните празници, Општина Гевгелија организираше и акција за делење новогодишни пакети на децата кои потекнуваат од социјално-ранливите семејства и на децата со посебни потреби. Така, новогодишни пакетчиња добија 40 деца не помали од 14 години, на родители кои се корисници на социјални услуги, како и штитениците на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. Додека, на штитениците на Дневниот центар за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“- Гевгелија, традиционално им беше доделен пакет со овошје и дезинфекциони средства.