Редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација
Во 2020 година, Општина Гевгелија, согласно Програмата
за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, континуирано реализираше активности и мерки за заштита и спасување на населението од заразни болести. Минатата година, дезинсекцијата и дератизацијата во општина Гевгелија се реализираа во рамките на Југоисточниот плански регион, во соработка со десетте општини во регионот. Изведувач на работите беше „Лиса ком“ која на јавното електронско наддавање даде најповолна понуда. За разлика од претходните години каде што третирањето беше по авионски пат, за прв пат, се донесе одлука за третирање по земјен пат.
На територијата на општината, најпрво, беа извршени две прскања против ларвициди. Компанијата „Лиса ком“ која беше избрана на тендерот што го организираше Центарот за развој на ЈИПР, заедно со претставници на општина Гевгелија и Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија, кои ги одредија претходно локациите за третирање, ги расфрлија гранулатите на жариштата. Третирањата беа извршени во втората половина на мај и почетокот на јуни на 20 хектари на територијата на општина Гевгелија, согласно локациите и Елаборатот изработен од страна на Центарот за здравје на ПЕ- Гевгелија. Веднаш потоа, беа реализирани четири теренски прскања против возрасни комарци од страна на истата компанија која го изврши и ларвицидното прскање. Додека пак, за дератизацијата на двапати беа третирани скоро 1400 шахти во целата општина, и тоа напролет и наесен.
И оваа година, како и минатата, Советот за развој на Југоисточниот плански регион донесе одлука за заемна активност на општините за третирање против возрасни комарци во 2021 година на територија на општините од ЈИПР. Така, ќе бидат извршени две ларвицидни прскања и 3 прскања против возрасни комарци по земјен пат. Додека пак, првиот повик за јавна набавка за дератизација беше поништен. Општината, моментално, врши анализа како да се спроведе постапката.
Во текот на 2020 година, од појавата на КОВИД-19, согласно Програмата за спроведувањето на општите мерки за заштита и спасување на населението од заразни болести и мерките на Општинскиот штаб за заштита и спасување- Гевгелија, континуирано се вршеше дезинфекција на улиците и јавните површини еднаш месечно. Дезинфекцијата ја спроведуваа службите на ЈПКД „Комуналец“- во соработка со ТППЕ- Гевгелија.