Ќе се гради ветерен парк во Миравци
Проектот „Изградба на ветерен парк во Миравци“ влезе
во приоритетната листа на поддржани проекти утврдена од Владата на Република Северна Македонија за изградба на енергетски систени со обновливи извори на енергија. Со потпишувањето на договорот за доделување грант во висина од 2,4 милиони евра од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, од јаглен кон обновливи извори на енергија помеѓу Електрани на Северна Македонија и Германската банка за развој банка „KFW“, се поддржуваат 5 проекти, за кои доделените средства ќе се искористат за изработка на технички студии и документи. Грант-средствата овозможуваат дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетски објекти.
Со средствата од грантот се поддржани и: фотоволтаични електрани во РЕК Битола со капацитет поголем од 140 MW, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола. Со имплементацијата на овие енергетски проекти би се зголемило производството на електрична енергија за околу 650 GWh (гигават/ час), со што ќе се обезбедат дополнителни економски и еколошки бенефити. Целта е да се забрзи темпото кон енергетската транзиција за почисто производство на електрична енергија, што повеќе да се користат обновливи извори на енергија, а јагленот да се замени со природен гас и да се намалат јаглеродните емисии на долгорочен план.