За подобрување на локалната патна инфраструктура вложени 630.000 евра
Во текот на 2020 година, продолжија активностите
за проширување и подобрување на патната инфраструктура во општина Гевгелија. За таа цел, беа вложени 38.850.482 денари или скоро 630.000 евра, главно, средства од Општинскиот буџет. Најмногу средства - 23.549.876 денари беа вложени за изградба на нови улици и тековно одржување на локалните патишта. Притоа, беа изградени 1.250 м² нови улични површини, меѓу кои и целосната реконструкција на улицата „Индустриска“ во Гевгелија. Исто така, беа темпонирани улицата „Кожуф“ во Гевгелија и улицата „Борис Трајковски“ во населеното место Мрзенци, како и дел од примарната секундарна мрежа за мултинаменски комплекс „Милци“- Гевгелија.
Минатата година беше извршена и санација на Mостот и речното корито на Сува Река, на влезот во Моин, инвестиција која чинеше 2.037.863 денари. За реконструкција на улици во општина Гевгелија, во текот на 2020 година, беа вложени 4.648.288 денари, со кои средства беше обновен асфалтот на површина од 8.712 м². За бетонирање од Општинскиот буџет беа издвоени 5.984.497 денари за бетонирање на 6.593 м² помали улици, краци и тротоари. Додека пак со павер-елементи беа уредени 4.794 м² тротоари, патеки и други јавни површини.
- Со ваквата динамика продолжуваме и годинава, пред се, со изградба на улици во новите станбени населби, како што е „Караорман“. Но, и со реконструкција на повеќе улици во Гевгелија и во населените места. За таа цел беа распишани јавни повици за избор на најповолни изведувачи за изградба, за реконструкција и за бетонирање на улици, како и за тековно одржување на патишта. Интересот на градежните фирми беше голем, електронското јавно надавање заврши, а во тек е жалбената постапка. Тоа значи дека наскоро ќе стартуваме со изградбата и реконструкцијата на планираните улици, вели градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.