Потрагата по Илија Минов без никакви резултати
Потрага по исчезнатиот сограѓанин,
Илија Минов, во организација на Општина Гевгелија и ОВР- Гевгелија без никакви резултати. Имено, по деталното пребарување на двата брега на реката Вардар и ридските предели наоколу, се до грчката граница, во кое беа вклучени вработени од: Општина Гевгелија, ОВР, ДСЗ, ТППЕ, ЦУК, Шумска полиција и шумско стопанство, Водостопанство и членови на двете планинарски друштва „Кожув“ и „Двете Уши“ и риболовното друштво „Акваспорт“, не се пронајдени никакви траги од Минов. Пребарувањето започна во 10:00 часот, а траеше до 12:30 часот.
ОВР- Гевгелија ќе продолжи со потрагата иако, како што истакна началникот Карапеев, од наредниот ден по исчезнувањето на Минов, па досега, се преземени сите мерки и се искористени сите ресурси со кои располага институцијата за пронаоѓање на исчезнатиот. Изминатите денови, по укажувањата на индициите каде би можел да се пронајде Минов, се пребаруваше речното корито на Вардар со хеликоптер, трагачки кучиња, нуркачка екипа од специјалната единица на МВР, дрон и сл. За случајот, преку Интерпол, известени се грчката полиција и службите на граничните премини.
Последно, Илија Минов бил виден на 29 март, 2021 година, во 07:30 часот, облечен во зелена јакна, кремаста блуза, сини фармерки, кафеаво шалче со риги и црни кондури.