Досега, во Општата болница вакцинирани 400 лица од општина Гевгелија
Во општина Гевгелија, досега, се вакцинирани
400 лица над 70 години со првата пратка „Астра Зенека“ во Општата болница со проширена дејност- Гевгелија. Започнувајќи од денеска, имунизацијата се одвива со аплицирање од 100-те вакцини од втората пратка, истакна одговорната докторка Тодорка Окова. Нагласувајќи дека според динамиката на вакцинирање во пунктот, би требало до 21 април да се потрошат количините на располагање.
Според бројот на пријавени, директорот на Општа болница, д-р Митко Крџев, истакна дека постои голем интерес на граѓаните за имунизација против КОВИД-19 од старосната група над 70 години. Додека, за одвивањето на понатамошното вакцинирање се чекаат конкретни насоки од Министерството за здравство на РСМ.
Што се однесува на здравствениот билтен на Општина Гевгелија, Крџев истакна дека има благо намалување од околу 30% на новорегистрирани случаи, заклучувајќи ја ваквата констататација по бројот на дневни прегледи во КОВИД- модуларната болница. Притоа, нагласувајќи дека ваквата состојба не значи дека треба да им биде мотив на граѓаните за опуштање, напротив да продолжат со почитување на мерките кои се уште се во сила. Бидејќи, и покрај намалениот број на новозаболени, се уште се исполнети капацитетите за хоспитализирање со кои располага Општата болница во Гевгелија. Имено, во КОВИД-болницата се хоспитализирани 26 лица, додека 40 лица се на дневна терапија.