Референдумско изјаснување за „Зелена Гевгелија“
На 23 април, 2017 година, мнозинството гевгеличани
се изјаснија за „зелена“ Гевгелија. На референдумот што се одржа на овој ден пред четири години, жителите на општина Гевгелија со огромно мнозинство се изјаснија против отворањето на рудници за металични минерални суровини на Кожуф Планина и воопшто на територијата на оваа општина. Од запишаните 19.459 гласачи, според неофицијалните резултати на ОИК Гевгелија, на референдумот излегле 13.384 избирачи, односно 68,78 отсто од вкупно запишаните избирачи во избирачкиот список. Против отворањето рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија се изјасниле 13.097 граѓани или 97,86 отсто од граѓаните, кои излегле на гласање. Додека само 154 биле за отворање на рудници, а 133 гласачки ливчиња се прогласени за неважечки.
На тој начин граѓаните ја потврдија успешноста на референдумот и оправданоста на едногласната одлука за негово организирање, донесена од страна на Советот на Општина Гевгелија. Согласно ваквата јасно изразена волја на граѓаните, органите на локалната самоуправа ги отфрлија барањата, не само за отворање на рудници, туку и воопшто за истражување на металични минерални суровини на територијата на Општина Гевгелија.
- На годишнината од референдумското изјаснување, можеме да констатираме дека општина Гевгелија продолжува да настапува одлучно и доследно, во спроведувањето на зеложбата за „модерна, европска и зелена општина“. Притоа, би сакал да ја истакнам значајната поддршка и комуникација со невладините организации, посебно кога станува збор за заштита на животната средина. Одлуката на мнозинството граѓани, кои на референдумот се изјаснија на територијата на Општина Гевгелија да биде забрането отворање и воопшти истражување на рудници и наоѓалишта за металични минерални суровини, како и отворање на производни погони кои ја загрозуваат животната средина, се покажа како оправдана. Особено, ако се има предвид јасно дефинираниот развоен концепт на Општината - предуслов за локалниот одржлив економски развој да биде одржливиот еколошки развој, изјави на годишнината од референдумското изјаснување на граѓаните градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.