Модернизација на јавното осветлување преку јавно-приватно партнерство, а без дополнителни трошоци и давачки
Советот на Општина Гевгелија ја усвои
Физибилити студијата за примена на мерките за енергетска ефикасност во системот за јавно осветлување, во Општина Гевгелија според ЕСКО модел за јавно-приватно партнерство за улично осветлување во општина Гевгелија. Со прифаќањето на овој модел во општината ќе биде извршена целосна модернизација на јавно уличното осветлување. Моменталната референтна потрошувачка на енергија на системот за јавно осветлување на општина Гевгелија е 1.211.907 kWh/год., што одговара на годишна сума од 8.537.398 денари со ДДВ или вкупна инсталирана моќност од 271 kW со 2.500 светилки од вкупно 3.795 светилки.
Во првата фаза од реконструкција ќе бидат опфатени 2500 светилки од уличното осветлување. ЕСКО компанијата, која ќе биде избрана преку меѓународен тендер, ги обезбедува средствата за модернизација на јавното осветлување. Во фазата на евалуација на понудите, договорниот орган ќе утврди дали понудувачот доставил мостри и ќе го евидентира типот и серискиот број на секоја доставена мостра. Мострата од светилката, понудувачот задолжително ја доставува до крајниот рок за поднесување на понудите/ отворање на понудите и истата на неуспешните понудувачи им се враќа по завршување на постапката за доделување на договорот за јавна набавка. Мострата од избраниот понудувач, по донесувањето на Одлуката за избор на најповолен понудувач, а пред потпишувањето на Договорот за ЈПП, се праќа на испитување до овластена лабораторија на територијата на Република Северна Македонија. Трошокот за испитувањето на светилките е на товар на Понудувачот. Доколку испитувањата покажат дека минималните светло-технички карактеристики на светилките од прворангираниот понудувач не се задоволени, понудата на прворангираниот понудувач се отфрла и се преминува кон испитување на светилките на второрангираниот понудувач. По имплементацијата на проектот, Општина Гевгелија ги враќа инвестициите преку заштедата во текот на 8 години. Делот на инвестициите кои не спаѓаат во енергетска ефикасност од заштедата, односно не влегуваат во времетраењето на повратот на инвестицијата ги обезбедува Општина Гевгелија;
Се определивме за еден ваков модел, не само поради енергетската ефикасност, туку и фактот што со заштедата целосно ги враќаме инвестираните средства. А, тоа потрошувачите не ги чини ништо, бидејќи комуналната такса за јавно осветлување останува непроменета, беше речено при презентацијата на ЕСКО моделот. Имено, ЕСКО е кратенка од Енергетска Услужна Компанија (ESCO – Energy Service Company) и претставува генеричко име за концепт на услуги на пазарот во делот на енергетиката. ЕСКО моделот опфаќа развој, изведба и финансирање на проекти со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за енергија и одржување. Тоа се остварува преку вградување на нова поефикасна опрема и оптимизација на енергетскиот систем, со што се осигурува отплатата на инвестицијата преку остварени заштеди во период од неколку години.