Продолжува успешната буџетска реализација
Од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија
за 2021 година на 515.701.409 денари, во првото тримесечје од 2021 година реализирани се вкупно приходи во висина од 118.883.169 денари или 23,05%, од кои тековно оперативни приходи се 117.698.876 денари и 1.184.293 денари, капитални приходи. Од планираните 209.128.631 денари приходи на Основниот буџет реализирани се 50.254.338 денари или 24,03% од планираните. Со ваквото буџетско извршување на приходите, всушност, продолжува успешната реализација на Буџетот на Општина Гевгелија, беше констатирано на денешната 61 седница на Советот на Општина Гевгелија. Ваквото буџетско работење на Општината ја доби поддршката од мнозинството советници при усвојувањето на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за период јануари-март, 2021 година
- Во моментот можеме да бидеме задоволни од реализацијата на Основниот буџе бидејќи во услови на пандемија, во првиот квартал годинава се реализирани над 24% од Основниот буџет на Општината. Тоа значи континуитет во буџетската реализација бидејќи во 2019 и 2020 година Буџетот беше реализиран со 81%. Пред се, како резултат на доброто менаџирање, а имајќи предвид дека во изминатата година и пол приоритет дававме на мерките за заштита од Корона вирусот, од чие спроведување произлегуваа и финансиски обврски за Општината. Но, исто така и продолживме со инфраструктурните активности со кои значително се подобрени условите за живеење на граѓаните. За целосна реализација на предвидените активности многу ќе значат и зголемениот износ на Основниот буџет, како резултат на донесените законски измени за зголемување на процентот на пораст од 30% на 50%, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Имено, Советот на Општина Гевгелија на денешната седница го прифати предлогот на Градоначалникот на Општина Гевгелија за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, по најновите законски измени со кои се дозволува сопствените приходи на Основниот буџет на општината да се планираат со пораст од најмногу 50% од просечно остварените приходи во последните три години. Со измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година се врши зголемување на Буџетот на Општина Гевгелија во вкупен износ од 25.900.000 денари или од проектираниот вкупен буџет на износ од 515.701.409 денари се зголемува на 541.601.409 денари.