Размена на мислења за воспитно-образовниот процес во училиштата
Во присуство на Татјана Стојаноска Иванова,
советник за образование и наука на премиерот на РСМ, денеска, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, одржа работна средба со раководителите на четирите основни училишта и основното музичко училиште, средното училиште, Детската градинка „Детска радост“- Гевгелија и раководителката на Одделението за образование во Општина Гевгелија.
Предмет на расправа беа досегашните реализирани активности во воспитно-образовниот процес за време на пандемијата од КОВИД-19, но и за идните планирани активности со кои ќе се подобри и унапреди образованието. Во однос на решавање на тековните проблеми со кои се соочуваат училиштата, добивањето согласности за кадрово дооекипирање, просторните и техничките услови, капиталните инвестиции и сл., како би се овозможило квалитетно образование кое одговара на новото модерно совремие.
Стојаноска Иванова истакна дека нејзината посета има за цел да се слушнат мислењата на раководителите за се што е поврзано со образованието и круцијалните проблемите со кои се соочуваат за истите да бидат нотирани и да дојде до нивно решавање. Бидејќи, образованието е иднината на едно општество, еден град. Имено, укажа задоволство што е почесен гостин во Гевгелија и ја пофали соработката со локалната самоуправа и организираноста на училиштата во справувањето со новонаметнатите предизвици.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека само преку ваквите состаноци, на кои може да се апострофираат проблемите, да се истакнаат идеите, ставовите и мислењата, би можело да произлезат конкретни решенија за подобрување на воспитно-образовниот процес и зацврстување на соработката со централната власт во корист на сите засегнати страни.